Советничката Ефремова: „Скандалозен договор за привремени вработувања потпишал градоначалникот Колев а јавно признава дека општината има неразвоен буџет“
На 21 декември, минатата година, градоначалникот Марко Колев склучил скандалозен Договор со Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“ од Скопје со кој се предвидело Општина Велес во текот на 2022 година да потроши 3,5 милиони денари за привремемни вработувања, соопшти советничката група на СДСМ во Советот на општина Велес на денешната прес конференција.
-Јавно признава дека општина Велес има неразвоен буџет за 2022 година на и дека не може да си ги подмири трошоците за електрична енергија, а планира да потроши 3,5 милиони денари пари на граѓаните за вработување на партиски војници, роднини и пријатели, само за една година. Уште посериозно е тоа што додека Марко Колев ги троши народните пари за партизација на општинската администрација, децата во неколку училишта губат часови поради недостатокот на наставен кадар, рече советничката Катерина Ефремова.
Советничката група на СДСМ, исто така, јавно го повика градоначалникот Колев да соопшти колку наставници недостасувале во основните и средните училишта во општина Велес и колку деца губеле часови, зошто не им потпишувал на директорите за вработување на потребниот кадар.
-Наместо пари за наставници, се трошат 3.500.000 денари за вработувања роднини и пријатели. И второ, дали негови роднини и роднини на негови другари и пријатели се вработени за сто дена власт на ВМРО ДПМНЕ и Марко Колев во општина Велес, праша Ефремова.
Од кабинетот на градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев најавија дека ќе одговорат на прозивките на советничката група на СДСМ во општинскиот Совет.
Убавка Јаневска