Во велешкото обвинителство има предмет за една а не за две запалени викендици во Нежилово
Основното јавно обвинителство Велес постапува по еден предмет и за една а не за две запалени викендици во село Нежилово, во Општина Чашка. Оформен е предмет за случајот со првата запалена викендица на Зоран Апостоловски. За него полицијата на обвинителството му доставило докази од видео надзор, листинзи од мобилни телефонски броеви на присутни лица кои биле идентификувани во времето на пожарот на 26 јуни 2020 година во Нежилово и поднесена кривична пријава против непознат сторител, истиот ден.
Јавното обвинителство снимките од видео надзор ги испратило до одделот за форензика на МВР од каде стигнал одговор дека поради голема оддалеченост на камерите од викендицата на Зоран Апостоловски и лошиот квалитет на снимениот материјал не можеле да се препознаат детали.Исто така, обвинителството издало наредба за вештачење на остатоци од предмети изгорени во пожарот но освен идентификувани четири парчиња од плинска боца други предмети или отпечатоци не биле утврдени. Ништо од сработеното не дало сигурни докази според кои може да се осомничи лице или лица за подметнување на пожар, соопштија денеска за Дума.мк. од Основното јавно обвинителство во Велес.
По оваа официјална информација Дума.мк побара дополнителни информации од СВР Велес дали од нивна страна се поднесени една или две пријави во ОЈО Велес односно што конкретно е направено за втората запалена викендица во Нежилово,на 15 јули 2020 година, во сопственост на братот на Зоран, Горанчо Апостоловски. Од полицијата одговорија дека информации ќе ни стават на располагање во текот на утрешниот ден, четврток 27 април.
Средбата на Народниот правобранител со браќата Апостоловски сепак наместо денеска ќе се одржи после првомајските празници на барање на правобранителот Јован Андоновски којшто бил пребукиран денеска па замолил да се сретнат на 3 мај,годинава.
Убавка Јаневска