Трети мај: Битката за квалитетно новинарство и медиумска слобода не е завршена
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) денеска, на 3-ти мај на Меѓународниот ден на слободата на медиумите го организираа завршниот настан под мотото „Безбедни новинари и медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“.
Целта на овој настан е да се испрати порака и да се подигне свеста за неопходноста од подобрување на безбедноста и социо-економското опкружување за новинарите и медиумските работници, како начин да се унапреди слободата на изразување како основно човеково право и зајакнување на улогата на медиумските организации во процесот на креирање политики.
Воведното обраќање го имаше Претседателот на Р. С. Македонија, г-динот Стево Пендаровски, кој воедно беше и домаќин на настанот.
„Безбедноста на новинарите е заедничка обврска на сите нас, но, пред се, на државните институции и политичките фактори, инаку, тоа не ни треба само како политичка флоскула. Сите државни институции се должни да овозможат непречен пристап до сите информации за нивната работа, за да можат новинарите квалитетно да ги информираат граѓаните. Безбедносните и правосудните органи треба навремено и неселективно да постапуваат во случаите кога се загрозува безбедноста на новинарите“ – рече претседателот Пендаровски.
Новиот извештај на Репортери без граници во кој се забележува скок во однос на слободата на медиумите во земјата не треба да значи дека битката за квалитетно новинарство и слобода е завршена. Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски истакна дека кога станува збор за безбедноста на новинарите и слободата на говорот во нашата земја релативната слобода во која сега живееме не смее да не залажува.
„Без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг. Време е за суштински промени кои ќе гарантираат слобода на работењето, затоа што слободата на говорот, на мислата, тешко се стекнува, мачно се заработува, но искуството ни вели дека многу лесно може да се изгуби. Да не го дозволиме тоа.“, истакна Чадиковски.
Претседателот на ССНМ Беловски, истакна дека Социо-економската состојба на новинарите, покрај безбедноста, е најважниот услов за развивање на она што го викаме слободно новинарство.
„Новинарство без можност за влијание врз уредувачката политика, и услов без кој новинарите и медиумските работници не можат да се ослободат од притисоците од различните групи од интерес, и услов за намалување на само-цензурата, која и според нашите анализи и според извештаите на меѓународните порганизации е широко распространета во Македонија“, рече Беловски на панел дискусијата на тема „Подобрување на безбедноста и социо-економското опкружување за новинарите и медиумските работници: Каде сме и како да одиме напред?“.
На работниот дел се обратија и Катарина Синадиновска, претседателка на СЕММ, Билјана Петковска, извршна директорка на МИМ и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, а заклучокот беше дека постои потреба од системски решенија кои ќе гарантираат долгорочна заштита на правата и интегритетот на сите медиумски работници. Зголемувањето на економските стандарди на новинарите е важно бидејќи на тој начин тие ќе бидат поотпорни на притисок и ќе бидат помотивирани да продуцираат квалитетна содржина што му служи на јавниот интерес. Затоа е потребно е да се поддржи дебатата за креирање на национален независен фонд, но не за поддршка на медиумите, туку за поддршка на професионалното новинарство и за квалитетната медиумска содржина која ќе го промовира јавниот интерес. Владините кампањи пак платени со пари од граѓаните претставуваат ризик дополнително да го нарушат кревкиот медиумски пазар а тоа да се одрази негативно на слободата на медиумите и да се занемари јавниот интерес во медиумските известувања, беше истакнато на панелот.
Во рамки на настанот се организираше и изложба со фотографии и видео производи за присутните. Оваа изложба е резултат на пријавените дела на учесниците на повикот за изработка на фото стории насловен како „Сликни го твојот глас!“ чија цел е преку слика и порака да се прикаже како е да се биде жена и новинарка / медиумски работник во Македонија и проблемите поврзани со безбедноста и работничките права со кои се соочиле или сеуште се соочуваат новинарките, уредничките, жените главни уредници и жените сопственици на медиуми.