Алчева: Младите велешани се грижат и сакаат да живеат во убав и чист град
Во тимот што посветено работи на реализација на проектот „Одржлив урбан развој“ на Хабитат Македонија е и Лилјана Алчева заменик директорка на Програма. Станува збор за проект во којшто многу внимание исто така се посветува на здрава и чиста животна средина како и на градење навики или подигнување на јавна свест за придобивките на природата, што од мали нозе, треба да ги стекнуваат токму најмладите во локалната заедница. По тоа што во саботата се случи во Велес, кога во Младински парк беше организиран интересен забавно едукативен настан за правилно одлагање на отпад, Дума.мк ги слушна оценките на заменик директорката на Програма на Хабитат Македонија.
-Посведочивме на настанот дека младите луѓе се грижат за својата животна средина, сакаат да живеат во убав и чист град што беше и целта на организирањето на овие настани преку кои сакавме да покажеме и на некој начин да објасниме на граѓаните колку е важно да живееме во уредна и здрава животна средина. Овој настан што денеска, сабота, 4 јуни, се одржува во Младински парк е дел од една поголема активност поточно проект што во овие две години се реализира во Општина Велес „Одржлив урбан развој“ и тој ќе заврши до крајот на оваа година. Од сите досегашни активности коишто се реализирани остануваат уште подготовката на Детални урбанистички планови за неколку делови на градот кадешто воглавно живеат граѓани со помали примања, да не бидам погрешно сфатена, со понизок социјален статус, додаде Алчева.
Инаку досега од овој проект Хабитат Македонија преку донаторот Европска унија, обезбеди две возила за собирање на смет за потребите на граѓаните кои живеат во повисоките делови на градот кадешто кривулести и тесни сокаци не овозможуваат пристап на теренските возила на ЈКП „Дервен“.
– Исто така, во подготовка се Деталните урбанистички планови на два делови во градот а направени се и повеќе активности во партнерство со Општина Велес во насока на обезбедување на одржив урбан развој на градот, додаде Алчева.
Исто како и граѓаните кои присуствуваа заедно со своите деца или внуци така и Алчева не го криеше своето задоволство од бројот како на учесници така и на присутни за коишто констатираше дека за нив, организаторите бил неочекуван.
Тоа што треба да се забележи за овој настан е покажаниот голем интерес од ОУЈДГ „Димче Мирчев“ како и на бројни родители што само иницијативно ги донесоа децата за да цртаат, бојат, употребуваат рециклирани материјали како и на забавен начин да покажат дека умеат да рециклираат отпад. Дво часовниот настан беше богат со музика и со забавни игри. Со нив беа и нивните другарчиња од балетско студио „Анабела“, КУД „Коле Неделковски“ и Ансамбал „Керамичар“ коишто им овозможија на крајот да уживаат во културно уметничка програма.
Стефани Манева