Изложба на еминентниот македонски сликар Коле Манев, овој четворток, во Велес
Изложбата на еминентниот македонски сликар Коле Манев ќе се одржи на 6 октромври, четврток, со почеток во 19:00 часот во просториите на Ликовен салон во Велес.
Коле Манев е македонски еминентен сликар но и автор на филмско творештво, режисер на анимирани и документарни филмови но има напишано и повеќе сценарија. Тој своите дела ги изложил на повеќе од дваесет самостојни изложби и учесник бил на многубројни групни изложби, во Македонија, во Франција, како и во земјите од Балканот. Добитник е на голем број меѓународни награди и признанија за филм и за сликарство.
Манев е македонски сликар кој остана доследен во изборот на темите, преку кои го пресликува животот на откорнатиците, на луѓето раштркани низ светот, духовно осакатени, во кои копка немирот по детството и по згаснатото огниште. Оттука и нагласениот неспокој и тага во очите на неговите ликови, оставени на крстопат во осамата на ноќта да водат дијалог честопати и со долгата и траорна тишина.
Авторот истакнува дека тематски останува блиску како мотив до она што е негова трајна преокупација во творештвото – човекот, но дека овојпат има значителни измени во однос на колоритот и на цртежот.
Стефани Манева