Исполнет аманетот на велешката акцијашка легенда (фото и видео)
Едно минутно молчење во знак на почит за Боре Манев, штотуку починат акцијаш ветеран на Работната бригада „Кочо Рацин“. И веднаш почеток на работна акција за исполнување на аманетот на Манев. Неговото семејство купи борови садници. Акцијашите ветерани од Велес започнаа да ги садат заедно со листопадни дрвја во дворот на поранешното училиште во село Голозинци, сега Извиднички центар.
„Дојдовме да ја исполниме неговата желба. Засадивме 12 борови садници, стари три години, во училишниот двор каде што Боре има завршено основно образование. Поставивме и систем „капка по капка. Мислам дека акцијата е успешна,рече Командантот на РБ„Кочо Рацин“ Делчо Костов
„Симболиката е 12 дрвца, 12 месеци што биле негова желба да ги засади во дворот на основното училиште во кое што учел со неговата постара сестра, веќе учителка во истото. Оттука желбата за престој и љубов кон природата. И садниците со борчиња потсетуваат на неговото име Боре, рече Лепа Тошанова, ќерка на акцијашот ветеран Боре Манев.
Акцијашите ветерани со копачи и со мотики го расчистија дворот од трева и плевел. Со конец го трасираа редот на садници. Бушалката машински ги ископа дупките. Садниците се насадија рачно. Се постави и пластичното црево на системот „капка по капка“. Дополнително ќе се приклучи на бунарот за вода откако дождот што почна да врне прв ги полеа садниците. Аманетот е исполнет.
„Многу ни недостасува. Ќе се трудиме да ги продолжиме неговите стапки , дела затоа што тој беше одличје за акцијаштвото во нашиот град. Пред се ни беше како татко. Ние многу го почитувавме и тој не сакаше сите нас,“ рече Јорданка Андреева претседателка на ЗГ„Акцијаш ветерани“ Велес.
Четири години велешките акцијаши ветерани, од истоименото граѓанско здружение, се препознатливи по доброволната работа во локалната заедница. И во Велес и во Чашка. Освен по засадување на нови дрвореди и по заштита на животната средина од отдап. Досега сами или на повик од општините изведоа 70 акции или волонтираа 70 денови.
„Ние сме среќни како општина што постојат вакви иницијативи кои даваат сериозен импакт и придонес во нашата Општина. Сите вакви здруженија кои доброволно работат на територија на општина Чашка се и ќе бидат поддржани, рече градоначалникот Горан Стојановски.
Акцијашите ветерани последните неколку доброволни акции ги изведуваат без Боре Манев. Последната му ја посветија нему и на неговиот аманет. Го исполнија со бригадирски завет . Никогаш нема да избледат сеќавањата на првиот командант на МРБ„Тито – титови градови“ и бригадир уште во десеттина други работни акции кога се граделе автопатите и железничките пруги во поранешна Југославија.
Убавка Јаневска