Со средства од Министерство за транспорт и врски ќе се реконструираат локални улици во Велес и Чашка
Четири локални улици во Велес и три во Општина Чашка ќе бидат целосно реконструирани. Овие два договори денеска го потпиша Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев и со градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски.
Во Велес реконстуирани ќе бидат улиците: Живко Фирфов, Андон Шурков, Лазо Осмаков и Орце Мартинов додека во Општина Чашка; улиците Ацо Шопов, Коста Кирков и уште една во населено место Мелница.
Министерот Бочварски рече дека од исклучително значење е реализацијата на овој проект за сите општини во државата.
– Преку директни грант средства до општините за реконструкција на локалните улици овозможуваме подобри услови за живот на граѓаните, урбан развој и пред се локален економски развој за општините. Очекувам дека со реконструкција на овие улици во Велес и во Чашка значително ќе го подобриме животот на жителите во овие две општини. Како одговорна Влада со силно темпо продолжуваме со реализација на овој проект се со цел да им помогнеме и да го промениме ликот на општините. Уште еднаш упатувам апел до сите градоначалници што поскоро да ги користат средствата што ги обезбеди Министерството за транспорт и врски од овој проект, – додаде Бочварски.
Вкупната инвестиција за реконструкција на овие улици во Велес изнесува 37,5 милиони денари додека за Општина Чашка 27,5 милиони денари. Средствата се обезбедени преку Министерство за транспорт и врски поточно проектот „Поврзување на локални патишта во општините“.
Во рамките на овој Проект за реконструкција на локални патишта до сега се реконструирале или биле во фаза на реконструкција преку 100 улици и патишта во над 50 општини низ државата, соопштија од министерстото.
Стефани Манева