Отворено советувалиште за жртви на семејно насилство и потпишан Меморандум за соработка меѓу МВР и НСРР
Националниот совет за родова рамноправност денеска отвори советувалиште за жртви на семејно насилство. Во рамки на отворањето беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Министерството за внатреши работи и Националниот совет, од страна на министерот Оливер Спасовски и претседателката на НСРР Савка Тодоровска.
-Денешниов настан е навистина позитивен пример на креирање механизми за превентивно делување, но и за благовремено санирање на последиците кај жртвите од семејно или родово базирано насилство. Ако на тоа го додадеме и заедничкото, партнерско работење – во случајов изразено преку Меморандумот за соработка, тогаш на ова можеме да гледаме како на уште еден од многуте чекори во насока на елиминирање на сите општествени околности, независно дали се во сферата на економските, образовните, социјалните, правните или други стандарди, кои што на еден или друг начин можат да бидат генератор на семејната деструкција или врз родовата нееднаквост и родово мотивираното насилство и криминал”, изјави Спасовски.
Тој потенцираше дека со ова се потврдува подготвеноста на МВР да биде активен институционален учесник, согласно надлежностите и законските обврски, на сите вакви и слични активности, чија што цел е превенцијата и заштитата од семејно и родовото насилство и родовата нерамноправност.
Во рамки на советувалиштето веќе функционира и бесплатната мобилна СОС линија 141-700.
Дума.мк