Музејот на Народната банка отворен за јавноста: Располага со најголемата јавна нумизматичка збирка во државата
Со околу 23.000 монети од различни историски епохи, започнувајќи од почетокот на петтиот век век пред нашата ера до денес, Музејот на Народната банка располага со најголемата јавна нумизматичка збирка во државата, а од денеска тој е отворен за јавноста, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Влезот е бесплатен и достапни се групни посети со закажување однапред – соопштија од НБРСМ.
На простор од 240 метри квадратни изложени се околу илјада монети од збирката на Музејот, распоредени во 36 витрини. При осмислувањето на постојаната музејска поставка, акцентот e ставен на развојот на монетарните системи и нивните стандарди во општествата коишто оставиле свој белег во историјата на државата.
Општествените и културните збиднувања, коишто се одразиле врз иконографијата и дизајнот на парите, исто така имаат свое место во Музејот. Следејќи ги светските трендови поврзани со улогата на централните банки во грижата за сопственото културно наследство, Народната банка во 1999 година започна со откуп на стари и ретки пари од нашите почва преку кој ја изгради денешната единствена збирка. Влегувајќи во ова поле на музејска дејност, Народната банка денес е еден од столбовите во заштитата на движното културно наследство, информираат од Народна банка.
Времетрањето на една посета е околу 30 минути, од НБРСМ додаваат дека согласно Протоколот за посета, во моментов бројот на едновремени посетители во постојаната музејска поставка не може да биде повеќе од 10.
Дума.мк