Општина Велес со одговори и препораки на барањата и поплаките од семејствата во зградата на ул: 11 Октомври

Објавено: 18 август, 2026, во 09:17 часот

Општина Велес соопшти став на барањето на семејствата кои живеат во зграда на ул: „11 Октомври“ со број 15 во Велес за спас од  „нехигиената, нечистотијата, отпадот, смрдеата од урина и човечки измет“ на пристапот и околината на нивната зграда, како за возрасните така и за големиот број на малолетни деца.

Во ставот на Општина Велес пишува дека согласно чл.9 ст.3 од Закон за јавна чистота во колективните станбени згради за одржувањето на јавната чистота се задолжени заедниците на сопственици  или управителот со кои имаат потпишани договори и плаќаат како и дека општинската администрација ја исконтактирала фирмата задолжена за одржување на хигиената во оваа зграда и укажала да го реши проблемот на 20 семејства.

Во станбената зграда која се наоѓа на ул.„11 Октомври бр. 15, влез 1 и влез 2 хигиената и целото управување со зграда го врши ДТУ „Протон Дооел“-Скопје подружница „Протон 3“ Велес, врз основа на склучен договор за вршење на управувачки работи. Од страна на инспекторот за домување на Општина Велес контактирани се овластените лица на управителот ДТУ „Протон Дооел“-Скопје, при што укажано им е да ја подобрат хигиената и да одржат состанок со сопствениците на посебните делови на станбената зграда, на кој ќе разговараат за решавање на настанатиот проблем,“ пишува во ставот на општината.

Фото: Испратени фотографии на жителите на зградата

Општината ги информира жителите на оваа зграда и за тоа кој е задолжен за одржување на зеленилото и неговото одржување како и за тоа како да го решат проблемот со лицата кои конзумираат алкохол, а не се жители на зградата или фрлаат смет, па им создаваат проблеми.

Што се однесува пак до одржувањето на јавната и зелената површина на територијата на Општина Велес, Ве информираме дека тоа го врши ЈКП „Дервен“  согласно донесената програма за одржување на јавната чистота и програма за зеленило во кое се наведени операциите-динамиката и начинот за извршување. Околу другите забелешки за нарушување на јавниот ред и мир на наведениот простор Ве информираме дека Општина Велес нема надлежност да постапува, тоа е во надлежност на МВР- СВР Велес“, додаваат од општината.

Ставот на Општина Велес следи по реакцијата на жителите во зградата со број 15 на ул: „11 Октомври“ која поточно се наоѓа во Нова Населба или е дел од комплексот на пониски згради спроти долен дел на касарната „Алексо Демниевски Бауман“. Во реакцијата на овие 20 семејства пишуваше дека живееле во многу лоши хигиенски услови на пристапот до зградата, кој што е составен дел од влезот во нивните домови, со скали и кои нема врата и прозори па се користи како „отворен јавен клозет“ а зелените површини пред него како ѓубрарник.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.