Пет активни мерки за вработување во велешкиот Центар, од кои една е за работодавачи за создавање на нови работни места
Невработени лица коишто се пријавуваат во Центар за вработување Велес и работодавачи кои имаат потреба од работници во Велес, можат до 15 септември да аплицираат на вкупно пет јавни повици за субвенционирање преку активните мерки на државата. Освен за искористување на мерката за практиканство чии корисници можат да бидат, млади лица до 29 годишна возраст, кои немаат работно искуство за што Дума.мк веќе пишуваше, други активни мерки се субвенции поточно финансиска подршка за создавање на нови работни места, обуки за познат работодавач, субвенциорање на плати и обука за побарувани занимања.
Активната мерка, субвенции поточно финансиска подршка за создавање на нови работни места, се однесува на работодавачи од микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации кои можат да отворат нови работни места. Висината на грантот за вработување на едно лице на возраст над 29 години изнесува 92.000 денари, за лица до 29 години возраст висината на грантот за вработено едно лице изнесува 153.750 денари, за лица корисници на гарантирана минимална помош и за невработени лица од ромска етничка заедница, висината на грантот за вработено едно лице изнесува 200.000 денари, а за жени Ромки со завршено средно или високо образование висината на грантот ќе изнесува 220.000 денари. Работодавачот е должен целиот период на предвидената обврска да не го намали вкупниот број на вработените на неопределено време, кој го имал на денот на аплицирање,вклучително и бројот на лица вработени преку оваа мерка. Финансиската поддршка што државата ја доделува на работодавачот е наменета за набавка на нова опрема или репроматеријали а не се однесува на субвенционирање на платите на ново вработените лица.
Заинтересираните работодавачи може да аплицираат до 15 септември во Центар за вработување Велес, кадешто можат да добијат по детални информации за оваа мерка. Исто така, аплицирањето може да се врши и преку електронскиот систем е-Работа.
Стефани Манева