Дa се биде во мир со несовршеноста на животот!

Објавено: 31 октомври, 2026, во 11:13 часот

За прифаќањето, свесноста и способноста да останеме во контакт со себе и кога животот не се одвива според нашите очекувања…

Живееме со многу очекувања. Очекуваме работите да се одвиваат според нашите планови, луѓето да нè разбираат, односите да ни носат сигурност, а вложениот труд да биде награден. Сакаме да имаме контрола врз сопствениот живот и да ги избегнеме болката, разочарувањето, конфликтите и неизвесноста.

Но, животот не ги следи секогаш нашите замисли. Се соочуваме со загуби, промени, неуспеси, нарушени односи и ситуации во кои, и покрај нашите напори, не можеме да го добиеме посакуваниот исход. Тогаш се појавуваат стресот, вознемиреноста, лутината и чувството на беспомошност.

Прашањето е:  Дали можеме да бидеме добро и кога не е сè добро?

Прифаќањето како почеток на промената

Еден од значајните извори на психолошка напнатост е нашата борба со реалноста каква што е. Не страдаме само поради она што ни се случува, туку понекогаш и поради тоа што не можеме да прифатиме дека ни се случува токму нам, дека работите не се одвиваат поинаку или дека некои ситуации не можеме да ги контролираме.

Се прашуваме: Зошто баш мене?, Зошто не може да биде поинаку? или Зошто луѓето не се однесуваат онака како што очекувам?

Овие прашања се човечки и разбирливи. Но, кога постојано остануваме во нив, можеме да се заглавиме во отпорот кон она што веќе е дел од нашата реалност.

Прифаќањето не значи дека ни се допаѓа она што се случува, дека ја оправдуваме неправдата или дека се откажуваме од промената. Тоа значи да имаме храброст да ја согледаме ситуацијата без да ја негираме, за да можеме да одлучиме што понатаму.

Свесноста за сопственото искуство во сегашниот момент е важна основа за промена. Кога ќе застанеме и ќе забележиме што чувствуваме, што ни е потребно и како реагираме, добиваме можност да излеземе од автоматските обрасци на однесување и да направиме посвесен избор.

Промената често започнува не тогаш кога најсилно се обидуваме да се натераме да бидеме поинакви, туку кога ќе почнеме искрено да го разбираме она што го доживуваме.

Стресот е дел од животот, а не доказ за нашата слабост…

Стресот е природен одговор на организмот на барањата, промените и предизвиците со кои се соочуваме. Тој може да се појави при непријатни настани, како: прекинување на љубовна врска и разделба, загуба на блиска личност или професионален неуспех, но и при позитивни промени што бараат приспособување, како: стапување во брак, раѓање дете, започнување нова работа, добивање нов проект…

Не е штетен секој стрес. Краткотрајната напнатост може да нè мобилизира, да ја зголеми нашата будност и да нè поттикне на дејствување. Меѓутоа, кога стресот е интензивен или долготраен и немаме доволно можности за закрепнување, може да се одрази врз нашето физичко и психичко здравје. Важно е да разбереме дека отпорноста на стрес не значи да не чувствуваме страв, тага или вознемиреност. Тоа подразбира способност да ги препознаеме сопствените реакции, да ги користиме достапните ресурси и постепено да наоѓаме начини за справување. Не мораме секогаш да бидеме силни, смирени и подготвени за сè. Имаме право да бидеме уморни, повредени, разочарани и несигурни. Прифаќањето на овие состојби е дел од грижата за себе, а не знак на слабост.

Да ја напуштиме потребата сè да биде под наша контрола…

Потребата за контрола често произлегува од желбата да се чувствуваме сигурно. Веруваме дека ако доволно внимаваме, планираме и се трудиме, ќе успееме да ги спречиме непријатните настани. Но, животот нè соочува со фактот дека нашата контрола има граници. Не можеме да ги контролираме чувствата, одлуките и реакциите на другите луѓе. Не можеме да ја промениме секоја неправда, да ја спречиме секоја загуба или да обезбедиме секогаш да бидеме разбрани и прифатени. Она што можеме да го развиваме е способноста да правиме разлика меѓу тоа што зависи од нас и тоа што не зависи од нас.

Понекогаш е потребно да разговараме, да поставиме граница, да побараме поддршка или да преземеме конкретни чекори за промена. Другпат, потребно е да прифатиме дека не можеме да го промениме исходот и да престанеме да ја трошиме својата енергија во борба што не води кон решение. Тоа не е пасивност. Тоа е свесно насочување на сопствените ресурси кон она што навистина може да направи разлика.

Несовршеноста како простор за раст

Често сме строги кон себе. Си поставуваме високи стандарди, тешко си простуваме грешки и веруваме дека мораме да бидеме успешни, компетентни и сигурни во секоја ситуација. Кога нема да ги исполниме сопствените очекувања, се критикуваме и ја доведуваме во прашање сопствената вредност. Но, грешките, неуспесите и разочарувањата се дел од човечкото искуство. Тие не ја одредуваат нашата вредност, туку можат да ни помогнат подобро да се запознаеме себеси, да ги препознаеме сопствените граници и да научиме нови начини на реагирање.

Личниот раст е поврзан со поголемата свесност за себе, за сопствените потреби и за начинот на кој воспоставуваме контакт со другите и со средината. Тоа подразбира да преземеме одговорност за сопствените избори без да се осудуваме за секоја грешка.

Наместо да се прашуваме: Што не е во ред со мене?, можеме да се запрашаме: Што ми покажува ова искуство?, Што ми е потребно во овој момент? и Кој е следниот чекор што можам да го направам?

Оваа промена во перспективата не ја отстранува веднаш болката, но може да ни помогне да се однесуваме кон себе со повеќе разбирање и да откриеме нови можности.

Како да создадеме повеќе мир во секојдневието?

Мирот не значи отсуство на проблеми, туку способност да останеме во контакт со себе и кога се соочуваме со нив. Тоа можеме да го негуваме преку мали, но значајни чекори:

Да застанеме и да забележиме што чувствуваме, наместо веднаш да реагираме. Да ги препознаеме сопствените потреби и да научиме да ги изразуваме на јасен начин.

Да прифатиме дека другите луѓе имаат свои гледишта, граници и начини на функционирање. Да одвоиме време за одмор, движење, природа и односи во кои се чувствуваме прифатени. Да побараме поддршка кога сопствените ресурси не се доволни.

Да се потсетиме дека не мораме да го решиме секој проблем веднаш и дека понекогаш е доволно да го направиме следниот мал чекор.

Овие постапки не се гаранција дека ќе избегнеме стрес, но можат да ни помогнат да развиеме пофлексибилен и посвесен однос кон животните предизвици.

Да се биде во мир со несовршеноста на животот не значи да престанеме да посакуваме да се стремиме кон подобро или да се бориме за она што ни е важно. Значи да разбереме дека животот не мора да биде совршен за да има смисла, дека не мора секоја ситуација да заврши според нашите очекувања за да можеме да продолжиме понатаму и дека не мораме да ги отстраниме сите непријатни чувства за да бидеме добро со себе.

Зрелоста не се состои во тоа да научиме како никогаш да не бидеме повредени, разочарани или вознемирени, туку како да останеме во контакт со себе и во таквите моменти.

Да си дозволиме да чувствуваме без да се осудуваме. Да прифатиме дека не знаеме сè и дека не можеме да контролираме сè. Да направиме промена таму каде што е можна, а таму каде што не е, да научиме како да живееме со реалноста без постојано да се исцрпуваме во отпор кон неа.

Бидејќи, внатрешниот мир не започнува кога животот ќе стане совршен, туку кога ќе престанеме да бараме од него постојано да биде таков за да можеме да бидеме добро!

Препораки

Понекогаш е доволно да си дозволиме да чувствуваме, да го препознаеме она што ни е потребно и да не реагираме автоматски. Да направиме пауза пред да одговориме. Да побараме помош наместо да се обидуваме да издржиме сè сами. Да прифатиме дека некои прашања немаат веднаш решение.

Стресот е дел од животот, но не мора да стане единствениот начин на кој го доживуваме животот. Нашата сила не се состои во тоа никогаш да не бидеме вознемирени, туку во способноста да се вратиме кон себе, да ги препознаеме своите ресурси и да најдеме нов начин да одговориме на она што ни се случува. Во способноста да се прифатиме себеси, да ја препознаеме реалноста и свесно да избираме како ќе продолжиме, се отвора просторот за поголема психолошка флексибилност, лична одговорност и автентичен живот.

Можеби суштинското прашање не е како да живееме без стрес, туку како да останеме во контакт со себе и со своите потреби дури и кога животот станува тежок…

Не можеме секогаш да го контролираме она што ни се случува, но можеме да научиме да бидеме посвесни за тоа како го прифаќаме и како реагираме. Прифаќањето не е откажување, туку почеток на поинаков однос кон себе и кон животот.

Мимоза Давчева

д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.