Д-р Гаврилова: Феноменот– ЛАГА

Објавено на 8 февруари, 2025 во 12:24

Психолошките особини, карактерот како и темпераментот на личноста влијаат врз постоењето на различни видови на лаги. На многумина ни е добро позната максимата која е стара колку и Библијата: “Кој е нечесен во малку, тој е нечесен и во многу“. Ова укажува дека во основа, често пати малите лаги водат кон поголеми. Кога ќе се забележат дури и мали пропусти во интегритетот на една личност, неспорно е дека таа во иднина е склона да прави неетични дејствија, особено ако некој не и уочи, возврати или ако не биде казнета, со цел да и се помогне да се отргне од тој пат.

Ако се погледне низ историјата наназад, ќе се увиди дека луѓето од секогаш барале начини за откривање на лагите, а при тоа користејќи сила, полиграфи, набљудување на дишењето и крвниот притисок, анализатори на стресот во гласот, уреди за следење на очите, инфрацрвени мозочни скенери, па дури и електроенцефалограм. Но иако сите тие уреди функционираат под одредени околности, повеќето од нив можат да бидат измамени, односно ништо од нив не се смета за доволно сигурно за да биде прифатено како доказ на суд.

Од психолошки агол при анализирањето на лажливоста, потребно е да се стави акцент и на однесувањето на личноста, односно: присуството на нервоза, премногу зборување без детали, екстремно претерано објаснување на едноставни работи, повишен тон на гласот, избегнување контакт со очи, користење солзи заради одбегнување објаснување, преминување од смиреност кон неконтролирано однесување и др.

Мора да се проучи и говорот на телото, невербалната комуникација, како и физичките и биолошки знаци на лажење, но и останати показатели кои се во доменот на форензичката психологија.

Најчесто, лажењето и овозможува на една личност да воспостави привидна контрола врз одредена ситуација, така што ќе манипулира со неа. Тоа е одбранбен механизам кој наизглед спречува личноста да биде ранлива, односно да не се отвори и да го открие своето вистинско ЈАС, на друга личност.

Некогаш лажењето на другите може да е несвесно однесување кое се повторува како резултат на минатите искуства, односно личноста не научила како поинаку да се поврзе со другите луѓе. Пример: Растеле во семејно насилство, па морале да создадат свој сопствен свет, често лажејќи се самите или пак создавајќи навики да ги лажат другите.

Понекогаш се лаже за да се избегне тешка ситуација и да се „закопаат“ чувствата кои доаѓаат со нив како што се депресија, тага, анксиозност. Ниската самодоверба, односно послабото ЕГО го отежнува справувањето со овие чувства.

Постојат различни видови на лажење, меѓу кои се: лажење во лице, измислување, прекршени ветувања, измама, претерување, бели лаги, но постојат и повеќе типови на лажговци од кои најчести се: повремени, чести, вообичаени, професионални, како и патолошки.

Патолошкото лажење се карактеризира со тоа што за него нема некоја очигледна мотивација. Обично е можно да се утврди зошто некој кажал лага, на пример поради лична корист, но патолошкото лажење се случува без јасна причина, а личноста нема никаква корист од тоа. Не е јасно дали лицето кое патолошки лаже е свесно за својата измама, и дали воопшто е свесно рационално да размислува за своите лаги. Во оваа област сеуште нема доволно истражувања, но едно е сигурно, а тоа е дека патолошкото лажење е симптом на одредени нарушувања на личноста како што се: гранично нарушување на личноста, нарцисоидно како и асоцијално нарушување.

Луѓето кои често лажат не мора да бидат патолошки лажговци. Најчесто во денешницата се среќаваме со лица кои свесно ја користат лагата за лична корист, особено материјална, при тоа впуштајќи се и во криминални дејанија. За жал, заслепени од желбата за моќ која ја гледаат низ призмата на парите, ги губат моралните и етичките вредности во себе, а со тоа и човечноста.

Пишува: Д-р Вангелица Гаврилова

лиценциран судски вештак од областа на психологијата

Меѓу другото, д-р Гаврилова во својата долгогодишна работа како вештак има изготвено стручни наоди и мислења во повеќе Кривичноправни предмети и во нејзината пракса се среќавала со различни видови на кривични дела од типот на деликвентно однесување, криминални дејанија, злоставувања, педофилија, па се до убиства.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.