Никој не влегува сам на психотерапија, со него влегува и целиот негов свет
Објавено: 17 октомври, 2026, во 10:18 часот
Кога еден човек ќе влезе во психотерапевтска просторија, на прв поглед изгледа дека во неа постојат само двајца: клиентот и терапевтот.
Но, тоа никогаш не е целата приказна. Со човекот во терапевтската просторија влегува и неговото семејство. Влегува домот во кој растел, улицата по која одел на училиште, училиштето и искуствата од него, пријателите, првите љубови, работното место, економската несигурност или сигурност, културата, религијата, општеството, историјата на неговото семејство, историјата на местото во кое живее…
Влегуваат и речениците што ги слушал како дете: Не се карај, Издржи, Што ќе кажат луѓето, Биди благодарен и молчи, Мажот мора да биде силен, Жената мора да трпи, Добро дете не се спротивставува…
Со текот на годините, престануваме да се сеќаваме кој прв ни ги кажал овие реченици. А сепак, тие продолжуваат да живеат во нас, само што сега не ги слушаме како туѓи гласови. Ги слушаме како свој глас. И тогаш, еден ден, можеме да седнеме во терапевтскиот стол и да кажеме: Јас едноставно сум таков!
Но, дали навистина си таков?
Или долго време си учел да веруваш дека си таков?
Нашето „јас“ не се создава во празен простор. Човек не расте во инкубатор. И, за среќа, не треба. Ние стануваме луѓе преку односите со другите. Прво учиме што значи да бидеме сакани, отфрлени, прифатени, пофалени или критикувани. Учиме што е „добро“, а што е „лошо“. Учиме кога сме безбедни, а кога треба да внимаваме. Учиме дали е дозволено да плачеме, дали е дозволено да кажеме „не“, дали е безбедно да се налутиме, дали смееме да побараме помош, дали треба да бидеме силни дури и кога ни е тешко…
Човекот не се гледа изолиран од средината. Напротив, човекот постои во поле, во постојана, жива поврзаност со средината. Ние влијаеме врз средината, а средината влијае врз нас. Затоа, кога некој човек страда, не е важно само прашањето: Што не е во ред со тебе?
Туку и:
Што ти се случува/ло? Во каков свет си растел? Што си морал да научиш за да преживееш, да бидеш прифатен или да припаѓаш?
Оваа разлика е огромна, затоа што понекогаш нешто што денес го нарекуваме „личен проблем“ можеби некогаш бил наш многу интелигентен начин на адаптација. Дете кое научило да молчи можеби не било срамежливо, можеби научило дека зборувањето носи опасност. Човек кој постојано ги задоволува другите можеби не е едноставно несигурен, можеби многу рано научил дека љубовта се добива преку угодување. Некој што никогаш не бара помош можеби не е само претерано независен, можеби научил дека нема на кого да се потпре. Тука психотерапијата станува нешто многу повеќе од обид да се промени човекот. Таа станува простор во кој можеме да ја разбереме приказната зад симптомот.
Кога општествената рана ја претвораме во лична вина…
Понекогаш живееме во услови што навистина се тешки: економска несигурност, невработеност, дискриминација, политичка и општествена нестабилност, миграција, семејни загуби, колективни трауми. Носиме општествена рана од генерации кои растеле со војни, санкции, инфлација, транзиции и губење на чувството на сигурност.
А сепак, во современиот јазик често сè се сведува на индивидуата: Ти недостасува самодоверба, мора да имаш подобра одговорност и истрајност, треба да поставуваш граници, сам си го креираш животот…
Секако дека личната одговорност е важна. Но, што се случува кога на човек кој веќе носи тежок товар од околностите ќе му додадеме уште еден?
Аха, значи со мене нешто не е во ред...
Тогаш страдањето станува двојно. Прво страдаме поради ситуацијата. Потоа страдаме затоа што веруваме дека не сме доволно добри што не можеме сами да ја надминеме.
Важен е контекстот. Човекот не може целосно да се разбере без неговото поле. Но тука постои една многу важна граница. Да го разбереме контекстот не значи да му ја одземеме одговорноста на човекот.
Ниту „сè е до тебе“, ниту „сè е до општеството!“
Лесно е да паднеме во една од двете крајности. Едната вели: Сè зависи од тебе!
Другата вели: За сè е виновно општеството!
Но човекот е многу посложен од тоа. Да кажеме дека сè е до индивидуата значи да ги игнорираме условите во кои живее. Да кажеме дека сè е до системот значи да го претвориме човекот во пасивен производ на околностите.
Потребно е да ја видиме токму оваа сложеност дека сме резултат на многу односи, но не сме само нивен производ. Средината не обликува, но и ние ја обликуваме средината. Тоа е еден вид постојан танц помеѓу човекот и неговото опкружување. И токму таму се појавува можноста за промена.
Еден од најважните моменти во психотерапијата може да биде кога човекот почнува да забележува: „Кој ми го кажува ова?“
Кога ќе си речеме: „Морам да издржам!“ во продолжение да се запрашаме и чиј е тој глас?
Или кога ќе си речеме: „Не смеам да разочарам никого!“ да се запрашаме од каде дојде тоа правило?
„Мора да бидам успешен!“ Следува само прашањето дали јас навистина го сакам тоа или научив дека така треба?
Кога во нас го актуелизираме ставот: Не е во ред да се лутам! да го актуелизираме и прашањето: Кој ме научи дека мојот гнев е неприфатлив?
Или ставот: Не смеам да заминам! А што ќе се случи ако си дозволам да изберам поинаку?
Ова не значи дека треба да ја отфрлиме нашата семејна историја, културата или вредностите со кои сме пораснале. Не мораме да фрлиме сè што сме наследиле.
Но не мораме ни сè да задржиме. Можеме да направиме нешто многу позрело: да избереме!
Да си кажеме дека ова е вредност што сакаме да ја продолжиме или дека ова правило повеќе не ни служи. Да си кажеме дека ова е страв што сме го наследиле, но не сакаме да му го предадеме и на нашето дете! Оваа семејна приказна ја почитуваме, но не мора да ја живееме повторно! Токму тука се појавува автономијата, која не значи да станеме независни од сите. Не значи да престанеме да ни требаат луѓе и не значи да избришеме сè што сме добиле од семејството, културата и општеството.
Автономијата значи нешто многу посуптилно: да можеме да препознаеме што носиме во себе и свесно да избереме што ќе продолжиме да носиме.
Некои реченици се постари од нас…
Понекогаш човек во психотерапијата кажува нешто што звучи како лична вистина: „Јас сум таков…!“
Но, ако застанеме и размислиме малку подлабоко, можеби ќе откриеме дека таа реченица е стара со децении. Можеби ја кажувала бабата, дедото, можеби мајката, таткото, можеби целата заедница…
Некои стравови не започнале со нас. Некои семејства носат приказни за загуби за кои никогаш не се зборувало. Некои родители ги воспитувале своите деца од позиција на сопствениот страв. Некои луѓе научиле да бидат претпазливи затоа што претходните генерации морале да бидат. И така, нешто што некогаш било неопходна стратегија за преживување може да продолжи да живее во следната генерација како непотребно ограничување.
Но се случува нешто прекрасно кога тоа ќе го препознаеме, бидејќи тогаш добиваме можност да не реагираме автоматски и да направиме пауза преку сопствен избор.
Да се прашаме: Дали ова е навистина мое?
Психотерапијата не треба да нè одвои од светот. Целта на психотерапијата не е човекот да стане совршено адаптиран на општество што можеби е нездраво. Но не е ниту да му каже дека за сè е виновен системот. Целта е да можеме да ја видиме пошироката слика.
Да се прашаме: Што се случува во мене?
Но истовремено и: Што се случувало околу мене?
Кои односи ме оформиле, кои правила сум ги наследил, кои стравови не започнале со мене? Кои вредности сакам да ги зачувам? Што повеќе не сакам да продолжам? Каде денес можам да направам поинаков избор?
Ова е можеби една од најважните функции на психотерапијата: не да ни каже кои сме, туку да ни помогне подобро да видиме како сме станале тоа што сме. А кога човекот почнува свесно да гледа, се појавуваат можности и можност да избере.
Ние не сме само она што ни се случило…
Никој од нас не е чиста табла и не започнува од нула… Во нас има семејство. Има култура. Има историја. Има градови, јазици, обичаи, трауми, вредности и љубови. Има нешта што сме ги добиле без да ги бараме и сакаме.
Но во нас постои и нешто друго: можности да одлучиме што ќе направиме со сето тоа.
Можеби не можеме да го смениме минатото. Не можеме да избереме во какво семејство сме родени. Не можеме да ја избришеме историјата. Не можеме секогаш да го смениме општеството во кое живееме… Но можеме да станеме свесни, а свесноста создава простор помеѓу она што сме го научиле и она што денес го избираме. Можеме нешто да продолжиме, нешто да одбиеме, нешто да промениме. А нешто, можеби за првпат, да го направиме поинаку.
Затоа, следниот пат кога ќе се фатиме себеси како велиме: Јас сум едноставно таков, вреди да застанеме за момент и да се прашаме: А што ако не сум? Можеби некои од најважните промени во животот започнуваат токму со ова мало, но моќно прашање…
И можеби најважното прашање од сите е: Кои можности за избор ги имам денес?
Општеството е дел од нас. Но ние не сме само негов производ. Во нас постои простор нешто од она што сме го наследиле да го продолжиме. Нешто да отфрлиме. Нешто да преобликуваме. А нешто, за прв пат во нашата лоза, да го пренесеме поинаку…
Мимоза Давчева
д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор

