Д-р Давчева: „Сам на себе публика – Меѓу луѓе, а заробен во сопствената глава“

Објавено: 3 октомври, 2026, во 10:24 часот

Седиш со луѓе, а сепак не си навистина со нив. Некој ти зборува. Гледаш во него, го слушаш, или барем така изгледа. Климаш со главата, се насмевнуваш, поставуваш прашање. Но, некаде во позадина се одвива сосема друг разговор во себе…

Дали премногу го гледам во очи? Како ми звучи гласот? Дали забележа дека се збунив?

Што да кажам сега? Дали сум му интересен? Дали изгледам чудно?

Разговорот тече пред тебе, но твоето внимание е насочено кон себе. Се гледаш од страна. Го опсервираш и следиш сопствениот глас, лицето, рацете, погледот, држењето на телото. Го анализираш секој свој збор речиси во истиот момент во кој го изговараш. Како да си поставил камера во сопствената глава и си станал нејзин единствен предмет на снимање.

Сам на себе публика, повеќе гледач отколку учесник…

Постои една посебна состојба во која човекот повеќе не го доживува разговорот како спонтана средба со друг човек бидејќи тој станува оној што треба да остави добар впечаток. Така, разговорот станува изведба, а другиот станува публика.

Тогаш секоја ситуација може да стане мала сцена. Состанок, средба на кафе, работен ручек, запознавање, семејна прослава, телефонски разговор. Дури и обично прашање во продавница. Наместо контактот да се случува едноставно и спонтано, започнува негово постојано следење: Како звучам, како изгледам, дали сум доволно опуштен, дали сум премногу тивок, дали кажав нешто глупаво?

И токму тука се појавува еден парадокс…

Колку повеќе се обидуваме да изгледаме природно, толку помалку се чувствуваме природно.

Колку повеќе се контролираме, толку помалку сме присутни.

Колку повеќе се набљудуваме себе си, толку помалку го забележуваме другиот.

Тоа не е само страв од туѓото мислење. Социјалната анксиозност често се опишува како страв од проценување.

Но од гешталт перспектива можеме да погледнеме малку подлабоко, не само во тоа од што се плашиме, туку и во тоа што правиме со себе додека се плашиме.

Што се случува со нашето внимание?

Каде оди нашата енергија?

Како го користиме телото?

Како го прекинуваме или ограничуваме контактот?

Како се обидуваме да се заштитиме?

Ова се важни прашања затоа што човекот не го гледаме изолиран од средината, туку во контекст на неговите односи и неговиот начин на контакт со средината. Не постои само „јас“ и не постои само „другиот“. Постои и она што се случува меѓу нас. Токму тоа „меѓу“ може да биде изгубено кога целото внимание се свртува навнатре.

Од контакт кон самонабљудување

Да замислиме разговор во кој навистина сме заинтересирани за другиот човек. Го слушаме, забележуваме што зборува, не интересира неговата приказна. Нешто во неговиот израз ни привлекува внимание, не потсетува на нешто. Ни се поставува прашање. Одговараме. Соговорникот реагира, ние реагираме на неговата реакција… И разговорот продолжува… Ова е жив контакт. Нема однапред напишано сценарио. Нема потреба секој момент да биде проверен.

Но, ако вниманието се префрли кон постојано следење на себе, процесот се менува. Наместо да слушаме што зборуваме, се опсервираме како звучиме додека се слушаме.

Наместо да почувствуваме што се случува меѓу нас, проверуваме како изгледаме.

Наместо да бидеме во разговорот, почнуваме да се управуваме себеси во разговорот.

Така, контактот станува задача, а секоја задача носи можност за грешка.

Нашиот внатрешен критичар зема улога на постојан режисер:

„Треба да бидеш поинтересен!“

„Не зборувај премногу!“

„Не молчи!“

„Гледај го во очи!“

„Не покажувај дека си нервозен!“

„Не го гледај премногу!“

„Не прави грешки!“

„Биди сигурен!“

„Биди нормален!“

Овие реченици често не ги слушаме како гласови однадвор. Тие стануваат дел од нашиот внатрешен свет, интроекција, процес во кој преземаме правила, ставови, очекувања, убедувања од средината и ги носиме како свои, понекогаш без навистина да ги преиспитаме. Така можеме да живееме според правила кои никогаш ние свесно не сме ги избрале, како на пример: Добар соговорник мора да биде интересен; Сигурната личност не се засрамува; Ако направам грешка, ќе ме отфрлат; Мора да оставам добар впечаток…

Но, чии се овие правила? Од каде доаѓаат? И што се случува со нас кога се обидуваме да ги исполниме сите одеднаш?

Во ваквите ситуации телото знае пред умот и често реагира пред да успееме да објасниме што ни се случува… Срцето забрзува, дишењето станува пократко, рамената се затегнуваат, се појавува топлина во лицето, рацете стануваат немирни, а гласот се менува. Се јавува желба да се избегне погледот или целата ситуација.

Првата наша реакција обично е: „Како да го сопрам ова?“

Но гешталт-пристапот може да понуди поинаков влез: „Што забележувам?“

Не мора веднаш да го поправам, не мора да го победам. Прво можам да забележам дека ми се стега стомакот, дека го задржувам здивот, ги стегам рацете, дека сакам да исчезнам од оваа ситуација, се обидувам да изгледам посмирено отколку што се чувствувам… Тоа е почеток на свесноста, а свесноста не е исто што и анализа.

Понекогаш токму премногу анализирање нè оддалечува од она што навистина го доживуваме.

Од важност е и ретрофлексијата која се однесува на начинот на кој човекот ја насочува кон себе енергијата или дејството што можеби би го насочил кон средината. Тоа би значело дека можеби сакаме да кажеме „не“, но се насмевнуваме, сакаме да покажеме лутина, но се стегаме, сакаме да побараме нешто, но се убедуваме дека не ни треба, сакаме да заминеме, но остануваме, сакам да кажеме што мислиме, но се цензурираме.

И со текот на времето може да си создадеме впечаток дека најбезбедно е постојано да се контролираме. Тогаш човекот не само што се плаши од реакцијата на другиот, туку тој почнува да се плаши и од сопствената спонтаност, од она што би можело да излезе од него без претходна контрола.

Што ако не мораме постојано да се корегираме?

Еден од најтешките чекори за човекот кој е навикнат постојано да се контролира е да дозволи да биде виден без да се уредува себеси до совршенство. Да си дозволи пауза, да не најде веднаш совршен одговор, да признае дека нешто не знае, да си дозволи да се збуни и да се насмевне, да каже: „Не знам што да кажам“ да побара појаснување, да не се согласи…

Тоа не значи дека секоја спонтаност автоматски е здрава или дека секоја анксиозност треба едноставно да се игнорира. Значи нешто друго. Дека постепено можеме да развиваме поголема слобода во изборот. Наместо автоматски да реагираме според старото правило, можеме да забележиме што правиме и да се запрашаме: „Дали навистина сакам вака?“

Мала гешталт вежба: Следниот пат кога ќе забележите дека сте премногу зафатени со тоа како изгледате, не обидувајте се веднаш да станете „самоуверени.“ Наместо тоа, направете мала пауза и забележете три работи:

Што мислам и чувствувам? Не што „треба“ да чувствувам, туку што навистина чувствувам сега?

Што правам? Дали го задржувам здивот, го избегнувам погледот, се насмевнувам иако не ми е до смеење, молчам или зборувам премногу?

Што ми треба? Да забавам, да поставам прашање, да кажам нешто, да направам пауза, да ја сменам темата?

Не мора веднаш да постапите според одговорот. Самото препознавање создава простор меѓу автоматската реакција и изборот. А во тој простор може да се појави нешто ново.

Од „Како изгледам?“ кон „Што се случува во мене?“

Вистинската цел не е да станеме луѓе кои никогаш не се вознемируваат. Таква цел лесно може да стане уште едно правило, уште едно „треба.“

И повторно се враќаме на почетокот. Повторно се набљудуваме, повторно се коригираме, повторно стануваме публика за самите себе.

Можеби позначајно прашање е:

Можам ли да останам во контакт и кога не сум целосно сигурен во себе?

Можам ли да почувствувам трема и сепак да слушам?

Можам ли да се засрамам и сепак да останам присутен?

Можам ли да не знам што да кажам и да дозволам да постои тишина?

Можам ли да бидам виден без постојано да се обидувам да ја контролирам сликата што другиот ја има за мене?

Во ваков случај гешталт-пристапот го поместува фокусот, од поправка кон свесност, од контрола кон избор, од самонабљудување кон контакт.

Од прашањето: „Како изгледам?“ кон: „Што се случува со мене, со тебе и меѓу нас – токму сега?“

Повторно да се биде со луѓето

Можеби најголемата загуба кај постојаното самонабљудување не е само непријатноста, туку пропуштениот контакт, разговорот што не сме го слушнале, човекот кого не сме го запознале, моментот во кој сме можеле да бидеме спонтани, но сме биле премногу зафатени со тоа како изгледаме.

Животот не се случува пред камерата во нашата глава. Се случува овде, во телото, во погледот, во зборовите, во односот, во она невидливо поле што се создава меѓу двајца луѓе кога навистина се среќаваат.

Затоа, можеби прашањето не е:

„Како да престанам да се плашам од луѓето?“

Туку:

„Како повторно да бидам со луѓето, наместо постојано да се гледам и опсервирам себеси додека сум со нив?“

Одговорот не мора да дојде одеднаш. Може да започне со еден здив, со еден поглед, една вистинска реченица, еден момент во кој не се проверуваме себеси.

И за првпат по долго време, наместо да бидеме публика на сопствениот живот, повторно стануваме негов учесник.

Мимоза Давчева

д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.