Проф. др Кимова: Верифицирани обуки – Пат кон нови можости

Објавено на 15 јануари, 2025 во 08:25

Доживотното учење претставува темел на индивидуалниот и општествениот напредок. Преку постојана доедукација, младите стекнуваат вештини и знаења со кои полесно се соочуваат со предизвиците на современиот свет, додека возрасните го унапредуваат квалитетот на својот живот и кариера. Ваквиот континуиран развој помага во борбата против ниската свест, градејќи посилна заедница насочена кон поддршка, солидарност и оптимизам. Така, со доживотно учење се овозможува подобра лична благосостојба, а воедно се креира здраво општество засновано на знаење и меѓусебна почит.

Во современиот свет, каде што пазарот на труд доживува постојани промени, доживотното учење станува сè поважно. „ИН асоцијација – здружение за едукации и консултации од областа на педагогија и психологија“ е пример за установа која ја афирмира оваа потреба. Станува збор за верифицирана установа за образование на возрасни со седиште во Скопје, што подразбира дека организацијата има официјално одобрение од Министерството за образование и наука, преку Центарот за образование на возрасните. Оваа верификација овозможува спроведување обуки што водат до издавање јавни документи – сертификати признати во земјата и надвор од неа. Ваквиот статус е особено значаен, бидејќи нуди сигурност за квалитетот и содржината на обуките.

Во услови кога пазарот на труд бара постојан развој, неформалните обуки им овозможуваат на возрасните да ги унапредат своите вештини и да станат поконкурентни, истовремено подготвувајќи се за идните предизвици. Дополнително, учењето во верифицирана установа нуди и личен и професионален развој, бидејќи стекнатите сертификати се валидни за идни работни можности — особено сега кога државата се движи кон европските трендови, каде што ваквите вештини имаат особено значење.

Меѓу повеќето програми што ги нуди „ИН асоцијација – здружение за едукации и консултации“, посебно место зазема верифицираната обука за Развивање на вештини за емоционална интелигенција. Оваа обука е потврдена од Центарот за образование на возрасните при Министерството за образование и наука и дава можност за официјално сертифицирање на учесниците. Фокусот е ставен на таканаречените ,,меки,, вештини, особено на емоционалната интелигенција (ЕИ), која се смета за еден од клучните фактори за ефективна комуникација и конструктивни односи.

На европско ниво, емоционалната интелигенција се препознава како клучна за личен и професионален успех, бидејќи влијае врз личната благосостојба, ефективната комуникација, лидерството и тимската соработка. Таа овозможува градење позитивни односи, подобро управување со стрес и конструктивно решавање конфликти. Високата емоционална интелигенција води и до подобро ментално и физичко здравје, како и до подобри академски резултати, што ја прави неопходна за успех во современото општество. Најважно, ѝ дава на личноста конкурентска предност на пазарот на труд.

Самата програма е достапна за различни целни групи — вработени во приватниот и јавниот сектор, невработени лица, родители, наставници и студенти, па дури и ученици кои сакаат рано да стекнат дополнителни вештини за подобра лична и професионална иднина. Ваквата отвореност поттикнува разновидност на искуства и интереси, што ја прави обуката уште побогата и подинамична.

Фактот дека обуката е верифицирана ги гарантира и квалитетот на содржината и методологијата, како и валидноста на сертификатот што учесниците го добиваат по завршувањето на програмата. Покрај изучување теоретски концепти, обуките во „ИН асоцијација“ се спроведуваат со интерактивни методи: практични вежби, студии на случај и групни дискусии. Ваквиот пристап овозможува длабоко разбирање на материјата и полесно применување на наученото во секојдневниот живот.

Програмата Развивање на вештини за емоционална интелигенција опфаќа неколку значајни компоненти: Самосвест – Препознавање и разбирање на сопствените емоции; Саморегулација -Конструктивно изразување и контролирање на емоциите; Емпатија – Способност за подобро разбирање на туѓите чувства; Социјални вештини – Клучни за успешна комуникација и градење здрави односи; Мотивација – Внатрешна движечка сила за остварување цели; Справување со стрес – Усвојување здрави стратегии за емоционална стабилност.

Развивањето на овие аспекти е важно и за поединците и за организациите. Личност со високо ниво на ЕИ полесно воспоставува здрави релации, поуспешно се справува со стресот и има поголема самодоверба. Во организациски контекст, ова резултира со позитивна работна култура, поефективни тимови, намалени конфликти и поголемо задоволство кај вработените.

За успешно совладување на концептите на ЕИ, потребни се не само едукација и обуки, туку и континуирана лична пракса — рефлексија, самопроценка и усвојување нови комуникациски вештини. Затоа за почеток, учеството во работилници и обуки за меките вештини е одлична можност за систематски и поддржан развој.

Вложувањето во вакви програми значи вложување во себе и во сопствениот личен и професионален напредок. Доживотното учење секогаш носи придобивки, без разлика дали станува збор за подобра комуникација, поуспешна кариера или поизбалансиран приватен живот. Токму затоа, „ИН асоцијација – здружение за едукации и консултации“ го охрабрува секој заинтересиран да преземе чекор кон јакнење на „меките“ вештини, бидејќи тие се темел за попозитивна, постабилна и поуспешна иднина.

проф.д-р Ѓорѓина Ќимова

Професор на Меѓународен Славјански Универзитет ,,Свети Николе,,

Свети Николе , Република Северна Македонија

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.