Кумановските медиуми се недоволно екипирани и не работат аналитичко и истражувачко новинарство, локалните институции се комотни (фото)
Објавено: 14 ноември, 2025, во 09:54 часот
Обуката ја отвори Убавка Јаневска, координатор на проектот „Гласно и јасно!“ појаснувајќи ги целите на едукацијата на новинарите и медиумските работници за правата и за помошта што можат да ја добијат доколку се соочат со притисоци и закани од засегнати страни при извршување на професионалната работа за што во претходните години често пати во контакти и меѓусебни разговори ги отвораа локални новинари во С. Македонија. Додаде дека во денешната интерактивна обуката со обучувачот м-р Перо Момировски можат да се споделат сите проблеми на локалното новинарство кои се поврзани со темите и влијаат на работата и одржливоста на медиумите во Куманово, да не се премолчи притисокот, заканите, автоцензурата со цел да се бараат решенија за заштита на новинарите од замолчување и застрашување.

Исто така Јаневска ја промовираше алатката „Инциденти“ која ќе биде инсталирана на порталот Дума.мк со цел да се пријави секој инцидент за да може да се употреби механизмот на заштита. Таа порача да се посвети и внимание на колегијалната солидарност. Присуството на претставниците на најзначајните институции во Куманово, во делот на дебатата, има цел да им овозможи запознавање со новинарската работа додека на новинарите да им овозможи поставување на прашања кои ќе придонесат за надминување на предизвици кои директно влијаат врз работата и интегритетот на новинарската професија.

Според присутните колеги, прв и најсериозен предизвик, е лошата финансиска состојба во која се наоѓаат локалните медиуми во Куманово, не поразлична од другите градови во внатрешноста на С.Македонија, и којашто директно влијае врз стандардите на професионалното работење. Прво, затоа што кумановските медиуми работат со еден до двајца новинари, недоволно за редакции и второ, не работат на останати новинарски жанрови освен на дневни информации. Оваа востановена практика на дневно информирање, поточно пренесување на информациите до граѓаните, без аналитички или истражувачки пристап, засега ги става во комотна состојба локалните институции и не ги изложува на притисоци од засегнати страни.
За квалитетно новинарство во интерес на вистината потребна е подеднаква посветеност кон сите новинарски жанрови но и економски независни, стабилни, добро екипирани и технички опремени локални медиуми , констатираа учесниците на обуката.

Тоа што тешко се обезбедува став од локалната власт за полуаналитички пристап во презентирањето на информациите или ограничување на пристап на сниматели и новинари, кои во исто време се и фоторепортери, до локација на случена сообраќајна несреќа од страна на полициски службеник или јавен обвинител, од судски полицаец пред зграда на Основен суд Куманово како и попречување во работата од страна на граѓани кои не дозволуваат случајно да бидат фотографирани или забрануваат снимање на јавен простор ( плоштад, улица) е втор предизвик за колегите во Куманово.

Во дебатата обучувачот Момировски пред присутните ги сподели од една страна најсериозните проблеми на новинарската професија како што се вкупниот број на вработени, висината на платата, условите за работа и од друга страна бројот на пријавени напади, закани и соочувања со притисоци, тужби и СЛАП тужби. Додаде дека податоците се однесуваат на професионалците во фелата кои работат според Етичкиот кодекс и ги применуваат професионалните стандарди на слободното новинарство.
Стефани Манева
Овој настан, обука и дебата, активности се од проектот „Гласно и јасно!“ спроведуван од Регионален веб портал Дума.мк како дел од Програмата за поддршка на граѓански и медиумски организации на „SafeJournalists Network” финансиран од Европската унија.

