„Мојата соба е мојот свет“– Лицата со попреченост изолирани поради непристапноста

Објавено: 9 јули, 2026, во 11:37 часот
Илустративна фотографија / Steven HWG / Unplash

Иако пристапноста е основно право, за многумина таа сѐ уште е недостижна. Во Вардарскиот Регион многу граѓани со попреченост живеат ограничени од средина што не им дозволува слободно движење и еднакво учество.

Работите што се вообичаени за луѓето, се голема пречка за 55-годишната Славица Ташева од Неготино. Дијагностицирана ѝ е ретка болест, спинална мускулна атрофија тип два. Долги години најголемиот дел од животот го поминува во домот и речиси не излегува надвор од него.

„Мојата соба е мојот свет. Желби има многу, но реалноста е таа“, раскажува Ташева, која како и многу други лица со попреченост се чувствува изолирано од светот.

Најчесто причината поради која се приморани да излезат надвор е кога мораат да одат на лекар или за обновување документи. 

Ташева објаснува дека на лицата како неа многу би им значело доколку комисиите за мобилност можат да ги вршат прегледите во домовите на лицата со попреченост. Непристапноста и на нејзиниот дом и на институциите ги прават овие рутински прегледи вистински хорор.

Нејзината судбина ја делат лица со попреченост од другите општини во Вардарскиот Регион. „Локал Актив Вардар“ разговараше со неколкумина од нив и тие истакнаа дека е жално што постојат толку изолирани луѓе, кои со години, а некои и со децении, не излегуваат од својот дом.

Ретки институции со пристапни рампи

Некои од нашите соговорници сведочат дека нивните родители се оневозможени да одат на работа бидејќи им се потребни 24 часа во денот. „Пред сè, нашите домови не се пристапни. Немаме средства ни за најосновните потреби, а камоли да ги приспособиме домовите да бидат пристапни“, велат. Тие се жалат и дека немаат соодветни возила со кои можат да посетуваат институции, а и самите институции не се целосно пристапни.

Дарко Видони, сограѓанин на Ташева, исто така има попреченост. Додека ги набројува проблемите со кои се соочува, нагласува дека инфраструктурните пречки се меѓу најголемиот предизвик. 

„За жал, сѐ уште има институции до кои немаме пристап, или едноставно не можеме да стигнеме до нив. Тротоарите на некои места не се приспособени правилно, има институции до кои нема пристапни рампи. Ретко која институција има функционална пристапна рампа. Тоа значи дека едно лице со попреченост, често не може самостојно да ја изврши најосновната работа во институциите. Ние не бараме повеќе од другите. Едноставно, бараме само пристап, достоинство и еднаква можност за сите во општеството“, вели Видони. 

Михајло Михајлов од Кавадарци, претседател на Здружението на лица со телесна инвалидност „Мобилност“ од овој град, во кратко видео говори за секојдневните проблеми околу пристапноста, посочувајќи примери со влезот во една банка и во поштата.

Пристапноста не е луксуз туку потреба

Далиборка Златева, претседателка на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, која триесетина години се занимава со оваа проблематика, вели дека сѐ уште има големи архитектонски бариери кога е во прашање пристапноста, буквално секаде, во сите општини, вклучувајќи ги и општините од Вардарскиот плански регион. 

„Полека почнуваат јавните институции да се освестуваат. На пример, во Управата за јавни приходи во Велес имаат направено пристап, но тој пристап се однесува само на првиот кат, понатаму нагоре не постои лифт за да можат луѓето да се качат во канцелариите. Основниот суд во Велес исто така е пристапен само во приземјето, додека погорните катови исто така не се пристапни. Дел од банките во Велес имаат направено пристап, но има и непристапни. Можам да кажам дека парцијално се решава проблемот, меѓутоа сѐ уште многу тешка е пристапноста на тротоарите, на пешачките премини, во здравствените организации. Во приватните здравствени организации ретки се тие што прават пристапи. Најголемиот дел од општите ординации, стоматолошките, гинеколошките… се наоѓаат секогаш во станбени згради, на погорните катови, воопшто не се достапни за лицата со попреченост или за оние што имаат проблеми во мобилноста“, вели Златева. 

Таа додава дека има дури и непристапни општински згради, а поголем дел од училиштата сѐ уште се соочуваат со архитектонски бариери.

„Навистина е жално и срамно во 21 век сѐ уште да дискутираме за овие прашања, кои на сите треба да ни бидат приоритет. Бидејќи, многу лесно се случува некој да биде од другата страна. Некоја мала несреќа, скршеница, може да го однесе човека на другата страна. А дури тогаш, кога некое лице е оневозможено во нешто, дури тогаш некој ги чувствува проблемите на другите со кои се соочуваат целиот живот“, истакна таа. 

Центар за социјални работи на трети кат

„Локал Актив Вардар“ поразговара и со Славка Тотова, која има 40 години работно искуство како секретарка во организации на лица со попреченост.

Според неа, една од првите работи, која ја покажува апсурдноста со која се соочуваат овие лица, е тоа што Центарот за социјални работи во Кавадарци, институција надлежна за лицата со попреченост, се наоѓа на трети кат.

„Нема лифт, лице со попреченост не може да се качи до горе. Значи, вработениот треба да се симне долу. Исто и на други места, аптеки, треба отклонување на бариерите за кои долго време се укажува. Бидејќи некои аптеки најверојатно беа условени да направат пристапи за да можат да работат, најголем дел од нив направија рампи, ама несоодветни и во ширина и во должина. А замислете кој апсурд, има аптеки кај кои прво треба по скали да се качиш, па потоа на рампата, а кое е тоа лице со попреченост и во инвалидска количка што го може тоа“, посочува Тотова.  

Дефектологот Зоран Велков, со 33 години искуство во образование со деца со попреченост во развојот и посебни образовни потреби, тврди дека работите се поместени кон подобро во споредба со минатото, но сепак сме далеку од идеалот.

Локалната самоуправа од Неготино ги известила активистите за човекови права дека последната фирма што ја направила изведбата на новите тротоари, постојано одбивала да направи корекција во насока на пристапност за лицата со попреченост – за што била парично казнета. Исто така, од локалната самоуправа уверувале дека ќе биде ангажирана друга фирма што ќе ги направи корекциите.

Истражувањето покажува дека и покрај одредени подобрувања, потребни се многу поголеми вложувања, доследно спроведување на законските стандарди и подигнување на јавната свест за да се обезбедат достоинствени услови и еднаков пристап за сите граѓани.

*Симон Андов е активист на здружението „И јас сум“ од Неготино

** Светлана Дарудова е новинарка

Сторијата е изработена во рамките на проектот „Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествена акција“, кој го спроведува Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје, со финансиска поддршка од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во содржината не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и за искажаните мислења е во целост на спроведувачите на проектот.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.