ЗНМ, МИМ и СЕММ го промовираа новиот Кодекс на новинарите
Објавено: 7 јули, 2026, во 19:08 часот
Со новиот Кодекс по првпат се воведуваат правила за користење на технологијата во редакциите и вештачка интелигенција, задржувајќи ги традиционалните постулати за вистинитост и одговорност
Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска официјално го презентираа новиот Кодекс на новинарите на Македонија. Овој документ претставува модернизирана рамка за професионално и етичко известување, целосно приспособена на предизвиците што ги носат дигиталната ера, социјалните мрежи и брзиот развој на вештачката интелигенција.
Процесот за негово креирање, како што беше кажано на денешниот настан, започна уште во 2024 година, по што по кус прекин беше финализиран годинава, како дел од поширок проект за зајакнување на етичките стандарди и зголемување на довербата во медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, го оцени новиот Кодекс како нов договор меѓу новинарите и јавноста, велејќи дека иако досегашниот кодекс успешно служел како темел повеќе од 25 години, напливот на дигитални платформи и алгоритми наметнал потреба од негово ажурирање.
„Најважната порака што ја праќаме или што сакаме да ја пратиме и со новиот кодекс е дека новинарите не се против технологијата. Напротив, вештачката интелигенција сфаќаме дека е и ќе биде сѐ поприсутна во редакциите. Таа може да помогне многу, да се анализираат документи, да се преведуваат текстови, да се транскрибираат интервјуа, меѓутоа никогаш вештачката интелигенција нема да биде новинар… Вештачката интелигенција не може да биде на местото на настанот, не може да стекне доверба со соговорник, не може да постави вистинско потпрашање и не може да ја преземе одговорноста пред јавноста“,рече тој.
Тој додаде дека во време кога секој може да создава содржина, професионалниот новинар веќе нема да се издвојува по брзината на објавувањето, туку исклучиво по точноста, провереноста и заштитата на јавниот интерес.

На настанот се обрати и Александар Кржаловски, претседател на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Тој, пак, предупреди на ризикот документот да остане само на хартија доколку не се воспостават цврсти механизми за контрола и примена, правејќи споредба со Кодексот за граѓански организации за кој од над 150 организации потписници, само 25 отсто реално ги реализираат преземените обврски.
„Со оваа лекција сакам да укажам што ве очекува во понатамошниот тек на примената на новиот Кодекс на новинарите. Се надевам дека МИМ, заедно со останатите чинители, ќе изработи ефикасни механизми за сето ова да се почитува, а новинарите нема да го видат ова само како лист хартија, туку навистина ќе го применуваат“, кажа Кржаловски.
Дума.мк

