Со кореографија „Trisch Trasch Polka“, Анабелките се Светски шампионки на „WADF World Championship 2026“ (фото)
Објавено: 9 јули, 2026, во 08:02 часот
Младите балерини Миа Пеновска, Искра Ивановска, Мила Андовска, Александра Глигоровска, Марија Ќирова, Лидија Зафирова, Лана Зврцинова и Ива Ѓеоргиева ја изведоа победничката групна кореографија „Trisch Trasch Polka“ во својата категорија и се стекнаа со титулата Светски шампионки. Кореограф на оваа победничка кореографија е Дора Пајдакова – студент на Факултетот за музичка уметност, на Катедрата за балетска педагогија – класичен балет.
Според оценките на меѓународното жири, претставничките на Македонија и на Велес, балерините Пеновска, Ивановска, Андовска, Глигоровска, Ќирова, Зафирова, Зврцинова и Ѓеоргиева покажале голема прецизност, сценска енергија и уметнички израз кои што се неопходни за освојување на светска титула.

-Покрај овој историски успех, членовите на Балетско студио „Анабела“ остварија одлични резултати и во останатите категории, потврдувајќи дека студиото со години претставува еден од најуспешните балетски групи во земјата. На Светскиот куп настапија и се натпреваруваа Катја Димова, Јана Јовановска, Илина Цветковска, Калина Темелковска, Марија Петрова, Тамара Костадинова, Бојана Миткова, Михаела Кицевски и Викторија Ѓошов кои со своите настапи достојно ги бранеа боите на Македонија и придонесоа за уште еден успешен настап на студиото на меѓународната сцена, рече Цеца Пајдакова – раководител на Балетско студио „Анабела“.
Таа додаде дека постигнатите успеси се резултат на многубројни часови работа, дисциплина, посветеност и љубов кон балетската уметност. Пајдакова, со години успешно создава генерации млади танчари што освојуваат награди на домашни и меѓународни натпревари.

Исто така ,освоената титула Светски шампион, е уште една потврда за квалитетната работа во Балетско студио „Анабела“ и доказ дека македонските балетски уметници можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот. Со овие резултати балерините, кореографката како и раководителката на ова велешко балетско студио уште еднаш ги промовираа Македонија и родниот Велес на најубав можен начин, оставајќи силен впечаток на светската танцова сцена и најавувајќи уште многу идни успеси.
Инаку, овој голем меѓународен успех на модерните танци во Македонија, „Анабела“ го постигна на WADF World Championship Athens 2026, кој што се одржа во престолнината на Грција, од 26-28 јуни, годинава, во конкуренција на натпреварувачи од 24 држави на светот.
Убавка Јаневска


