Борба со руски тролови: Во Литванија „армија од џуџиња“ војува против руската пропаганда
Руските „трол-фарми“ – организирани онлајн агитатори, ги идентификуваат поплаките во други земји и потоа се вметнуваат – влегуваат во тие дебати со цел да ги разгорат. Наместо да промовираат некоја политичка идеологија, професионалните руски тролови се фокусираат на разгорување на емоциите околу вжештените теми, како што се на пример, прашањата за контрола на оружјето или имиграцијата во САД, за потоа да ги спротивстават Американците против Американците. Тактиката е буквално – раздели па владеј
Пишува: Ана Анастасовска
Откако пред седум години го анектираше полуостровот Крим и првпат ѝ се закани на Украина, Русија ѝ објави војна на Европа. Оваа војна сè уште трае и тоа особено на Интернет. Во Литванија, соседот на Русија и првата советска република што ја прогласи својата независност од блокот во 1990 година, онлајн армија од волонтери секојдневно излегува на Интернет за да се бори против постојаниот прилив на руски лажни вести и пропаганда, пишува FRANCE 24.
Педесет годишен татко на две деца кој дење работи на „нормално“ работно место, неколку часа по завршувањето на работата, но и за време на паузите, се претвора во онлајн војник кој се бори со руските тролови. Воинот под име „Хук“, во интервју за FRANCE 24 вели дека ги надгледува токсичните страници и се обидува да најде лажни вести, главно на Фејсбук, бидејќи таму се повеќето руски тролови.
Во поново време тој, исто така, посветува дел од своето време на споделување мемиња за руската армија „за да покаже дека Русија не е толку голема и страшна како што се чини“.
Хук ја започнал својата мисија летото во 2014 година, само неколку месеци откако Русија ненадејно го нападна и анектираше Крим.
„Тоа беше повик за будење“, се сеќава тој. „Видете, бевме окупирани 50 години, а таа меморија овде е сè уште прилично свежа. Многу литвански семејства имаат роднини кои биле убиени во тоа време или испратени во затворски логори во Сибир. Значи, за нас слободата што ја имаме сега е многу, многу важна. Она што го направивме во оваа земја во изминатите 30 години е некаква магија.
Гледајќи што се случува во Украина во 2014 година, Хук и неколку негови пријатели се исплашиле и решиле да основаат онлајн движење за отпор: „Литванските џуџиња“.
Со сето она што се случува, почувствувавме дека не е доволно само да седиме и да гледаме телевизија и да разговараме за нештата. Чувствувавме дека треба да направиме нешто и решивме дека е прилично лесно да се тепаме на Интернет.
Иако движењето започнало со „мала група пријатели, а потоа пријатели кои канат пријатели“ – „џуџињата“ сега имаат армија од околу 4.000 волонтери во Литванија.
Ние навистина сме „болка“ за Русите,затоа што тие треба да ги платат нивните фарми за тролови, а ние ова го правиме бесплатно…, раскажува Хук.
Низ годините, овие воини биле сведоци на секакви лажни вести кои продираат во литванските социјални медиуми, таргетирајќи ги политичарите, дипломатските политики или обидувајќи се да посеат општ социјален раздор на важни теми како што е ковид-19, но исто така, има и чести обиди да се поткопа довербата во НАТО.
НАТО е цел број 1 за руската пропаганда овде. И секогаш е истиот тип на наратив: дека НАТО ги окупира балтичките земји. И тие ја рециклираат таа лажна приказна за војник на НАТО што силувал девојка.
Причината за овие постојани трол-напади врз НАТО, објаснува Хук, е затоа што „балтичките земји, да станат членки на НАТО беше нашата единствена шанса да преживееме“.
Како функционираат руските фарми за тролови
Без фрлање бомба или испукан истрел, нациите можат да си направат огромна штета една на друга преку сајбер војна. Но, дури и без, да речеме, хакирање во електроцентрала или систем за оружје, злонамерните актери можат да ја намалат довербата во институциите и да создадат атмосфера на презир, недоверба, па дури и насилство меѓу граѓаните, пишува во својата анализа колеџот Хајнц .
Во 2014 година, Русија почна да инвестира мали суми пари во фарми за тролови. Ништо од размерите на типична воена операција. (Раузнавачките служби би потрошиле милион овде, милион таму), вели Сара Е. Менделсон, истакнат професор по јавна политика и шеф на колеџот Хајнц во Вашингтон.
Таа забележува дека до тој момент, рускиот претседател Владимир Путин немал голем интерес за социјалните медиуми како алатка. Тоа се променило откако Путин ги забележал бунтовите на руски граѓани кои протестирале против корупцијата, вклучително и против неговото враќање на претседателската власт во 2011 и 2012 година.
Руските „трол-фарми“ – организирани онлајн агитатори, ги идентификуваат поплаките во други земји и потоа се вметнуваат во тие дебати со цел да ги разгорат. Наместо да промовираат некоја политичка идеологија, професионалните руски тролови се фокусираат на разгорување на емоциите околу вжештените теми, како што се на пример, прашањата за контрола на оружјето или имиграцијата во САД, за потоа да ги спротивстават Американците против Американците. Тактиката е буквално: раздели па владеј.
„Тие не ги измислуваат овие работи. Тие откриваат тензии што постојат на Фејсбук или Твитер и ги засилуваат“, објаснува Менделсон.
„Тоа е прилично основен социјален маркетинг, користење на социјалните медиуми на начини кои се многу успешни. И не е страшно скапо, во однос на цената на хаосот што го создаваат“.
Руските тролови ги таргетираат западните медиуми
Истражувањето објавено од британски универзитет во септември 2021 година, открива дека веб-страниците на западните медиуми се киднапирани од проруски тролови за да шират пропаганда и дезинформации за поддршка на Кремљ.
Институтот за безбедност и истражување за криминал при Универзитетот во Кардиф соопшти дека открил докази за 32 големи платформи за вести во 16 земји кои биле цел на напади преку манипулации со секциите за коментари на нивните читатели. Меѓу нив се „Daily Mail“, „Daily Express“ и „The Times“ во Британија; „Fox News“ и „Washington Post“ во Соединетите Американски Држави; француски „Фигаро“; германски „Der Spiegel“ и „Die Welt“; и „Ла Стампа“ во Италија.
Истражувачите велат дека пронашле 242 стории каде што биле објавени „провокативни проруски или антизападни изјави“, како реакција на приказни поврзани со Русија.
Медиумите на руски јазик потоа ги користат како основа за приказни за да сугерираат поширока поддршка кај западната јавност за руската политика и претседателот Владимир Путин.
Истражувањето за онлајн активност беше спроведено за време на тековните тензии меѓу Русија и Украина на почетокот на 2021 година. Но, од Универзитетот соопштија дека тактиката ескалирала од 2018 година, во услови на зголемени тензии меѓу Москва и Западот.
Директорот на Институтот за истражување на криминал и безбедност, Мартин Инес, вели дека операцијата на тролање е „значајна“ со оглед на нејзината софистицираност, опсег и обем.
Со киднапирањето на секциите за коментари на брендовите на западните медиуми, таа беше во можност да ја претстави својата пропаганда како индикативна за мејнстрим мислењето, додаде тој.
Истражувачите користеле техники за препознавање и откривање на науката за податоци, кои укажувале на оркестрирана кампања, со сомнителни профили на сметки кои постојано ги менуваа нивната личност и локација.
Во Извештајот се наведува дека има докази за координација меѓу руските државни медиуми, оние со историја на ширење дезинформации и местата кои западните разузнавачи ги идентификувале дека имаат врски со руските безбедносни служби.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар