Временска прогноза: До крајот на август времето ќе биде многу топло!
Објавено: 13 август, 2025, во 09:10 часот
„Според моменталните излези на најажурните прогностички модели (Европскиот модел ECMWF и Глобалниот модел GFS) во најголемиот дел од месец август продолжуваат топлотните бранови, односно, постојано ќе бидеме под влијание на топол воздух од југ, односно од Африка, и тоа најмалку до 20 август, а топлиот бран ќе продолжи најверојатно до околу 25 август, по што следува големо освежување и голем пад на температурите на воздухот“, гласи прогнозата на метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Според Поповски времето, ќе биде претежно стабилно, суво и сончево во остатокот на месецот, меѓутоа, повремено ќе има локален развој на краткотрајна нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
„Моменталните анализи укажуваат дека некои сериозни врнежи не треба да очекуваме до крајот на месецот. Температурите остануваат многу високи, речиси насекаде ќе надминуваат 30 степени, а на повеќе места тие ќе се искачуваат и над 35 степени. Во Повардарието ќе се искачуваат до околу 40 степени.
Многу топлото време продолжува и во остатокот од регионот, што значи дека топлиот бран од Африка ја зафаќа цела јужна и југоисточна Европа. Релативно топло ќе биде и во ноќните како и во утринските часови, а особено во Повардарието каде ќе имаме тропски ноќи, во кои температурите не треба да се спуштат под 20 степени,“ додава Поповски.
Дума.мк


