Тик ток Балкан: Аларм поради пристапот нa децата до видеоапликациите
Автор: Балкан Инсајт
Минималната старосна граница од 13 години, што е поставена како услов за отворање профил на Тик ток, не спречи илјадници помлади деца од Балканот да ѝ пристапат на оваа апликација, на која се објавуваат кратки видеосодржини. Истражувањето на БИРН покажа дека родителите и наставниците се борат да останат во тек со ризиците што постојат на оваа социјална мрежа.
Родителите му рекле „не“ на својот 14-годишен син, кој од нив побарал дозвола да се регистрира на Тик ток. Но, тој, сепак, отворил „таен профил“ и го користел Тик ток, без никаков надзор.
Поминале шест месеци пред неговите родители да дознаат за тоа, а момчето, кое живее во Драч, Албанија, веќе било измамено да преземе апликација за фотографии, која содржела, како што тоа вели, „срамни фотографии“, без дополнително објаснување.
Овој тинејџер, кој, како и другите малолетници со кои разговаравме за овој текст, зборуваше под услов да остане анонимен и со дозвола на неговиот законски старател, е едно од сѐ поголемиот број деца од Балканот што ја користат спомнатата социјална мрежа во кинеска сопственост, која, според американскиот „Клаудфлер“, е најпопуларната во 2021 година.
Многу од овие деца, според сознанијата до кои дојде БИРН, се под минималната граница од 13 години за отворање профил. Некои од нив секојдневно го посетуваат Тик ток уште од својата шеста или седма година, со знаење на своите родители.
Истражувањето на БИРН, во рамките на кое разговаравме со десетици луѓе – наставници, родители и деца – укажува на постоење „технолошка празнина“, односно на тоа дека многу родители не се свесни на што се изложени нивните деца на оваа социјална мрежа.
Повеќе од две третини од родителите одговорија дека нивните деца отвориле профил на Тик ток пред да наполнат 13 години, половина од нив без нивна согласност. Дваесет и пет проценти од родителите кажаа дека забележале потенцијално штетна содржина.
Експертите велат дека децата се особено ранливи на онлајн-силеџиство и малтретирање и оти родителите често тоа не го забележуваат, односно забележуваат кога е предоцна.
Иако постои забрана за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 13 години, во Србија, на пример, „нема контрола на ова поле“, посочува експертот за дигитални комуникации, Никола Ристиќ.
„Родителите честопати не знаат доволно за тоа како да им пристапат на своите деца во текот на нивното неформално учење, кое е присутно од најраната возраст на детето, кога е во прашање интернетот и консумацијата на содржини“, додава тој.
Во корисничкиот водич на Тик ток се вели дека оваа мрежа е „длабоко посветена на безбедноста на малолетниците што ја користат оваа платформа и не толерира активности што вклучуваат злоупотреба, нанесување штета, загрозување или експлоатација на малолетниците на Тик ток“.
БИРН го побара Тик ток за коментар, но до објавувањето на овој текст, не доби никаков одговор.
Според БИРН:
- Шеесет и девет проценти од родителите велат дека нивните деца отвориле профил пред да наполнат 13 години, со што ги прекршиле условите за користење
- Околу 52 проценти од родителите одговорија дека не дале согласност нивното дете да отвори профил на Тик ток
- Дваесет и пет проценти од родителите кажаа дека забележале опасна или несоодветна содржина
- Околу 82 отсто од наставниците посочија дека не користат Тик ток
- Осумдесет и седум отсто од нив одговорија дека не се запознаени со она што го објавуваат нивните ученици; истиот процент велат дека не знаат што следат нивните ученици на интернет.
BOX: Национализам, ксенофобија, насилство
За потребите на оваа сторија, новинарите на БИРН отворија профил на Тик ток – во име на фиктивно 13-годишно момче, кој го користевме за да пребаруваме содржини на босански/српски/хрватски и на англиски јазик, следејќи ги хаштаговите популарни кај децата на таа возраст.
Покрај видеата на малолетни тинејџери, кои се забавуваат со музика, глумат или танцуваат, наидовме и на објави на кои се прикажани насилни деца или деца што се преправаат дека се насилни, често во училница.
На една видеоснимка, направена во основно училиште во мал град во источна Србија, три момчиња упаѓаат во училница и ги шутираат училишните клупи. Еден од нив запали дезодоранс во спреј.
Во друго видео, млади луѓе, ноќе, возат автомобил во погрешна насока.
БИРН наиде и на бројни профили што промовираат националистичка и ксенофобична содржина.
Тој има шест години, а веќе е на Тик ток
Официјално, Тик ток не им дозволува на деца под 13-годишна возраст да отворат свој профил на оваа платформа. До 16-годишна возраст, корисниците подлежат на други ограничувања: на пример, нивниот профил стандардно е приватен; не може да користат директни пораки или пренос во живо; и содржината што ја споделуваат не е видлива како предложена содржина за другите корисници. Корисниците на возраст под 18 години не можат да испраќаат или да примаат виртуелни подароци.
Сепак, 69 отсто од родителите со кои разговаравме, меѓу нив и тие што работат како наставници, за БИРН изјавија дека нивните деца отвориле профил уште пред да наполнат 13 години.
Околу 52 отсто рекоа дека не им дале дозвола на своите деца да ја користат оваа мрежа.
Над 63 проценти од родителите, вклучително и тие што се наставници, одговорија дека се запознати со содржината што нивните деца ја гледаат на Тик ток, додека 66 отсто одговорија дека знаат што објавуваат нивните деца на оваа социјална мрежа.
Испитаниците наведоа дека нивните деца гледаат видеа со танци, пејачи, спорт, игри, смешни клипови, инфлуенсери или содржини објавени од нивните пријатели. Повеќето рекоа дека, иако самите не ја користат оваа платформа, знаат како функционира таа.
Мајка на две деца од Босна и Херцеговина, која сакаше да остане анонимна, истакна дека нејзините деца на возраст од 7 и 13 години, изминатата година ја користеле оваа мрежа и дека „површно“ е запознаена со нејзиното функционирање.
Некои родители не мислат дека е лошо тоа што со години нивните деца, иако немаат 13 години, го користат Тик ток.
Хасиме Тахири Хасани од Митровица истакнува дека нејзината деветгодишна ќерка „го користи Тик ток главно за да го покаже својот талент за танцување или за да направи некоја видеомонтажа, и дека можеби ова е нешто позитивно“, во однос на стекнување вештини.
Иво Ѓокиќ, исто така од Митровица, истакнува дека неговиот шестгодишен син, благодарение на тоа што користи Тик ток и Јутјуб, „одлично го научил англискиот јазик“.
Друга мајка од БиХ, која исто така сакаше да остане анонимна, нагласува дека не забележала негативно влијание на оваа социјална мрежа врз нејзината осумгодишна ќерка.
„Таа учи различни работи од оваа мрежа и ги повторува во секојдневниот живот, со пријателите, на училиште, во играта, имитирајќи одредени тиктокери“, одговори таа.
„Не забележав дека моето дете имитира некои од предизвиците, туку имитира некои тиктокери што редовно ги следи“, нагласи оваа мајка.
Дванаесетгодишно девојче што живее во Драч објасни дека нејзините родители ѝ дозволиле да отвори профил на Тик ток, „под услов да го користам пред нив“.
Иако некои родители не гледаат никакви штетни последици, други – или нешто повеќе од 25 проценти од испитаниците на БИРН – одговорија дека забележале потенцијално опасни објави, кои обично содржеле сексуална содржина, срамотење на телото или слични физички предизвици, употреба на дрога или алкохол, или шеги со кои може да се нанесе штета.
Зијада Кариќ од БиХ, мајка на две деца, вели дека нејзиниот 11-годишен син „користел Тик ток, сѐ додека не слушнал дека девојче починало поради предизвик што кружел на оваа социјална мрежа“.
Сепак, нејзината деветгодишна ќерка користи Тик ток. „Но, таа најчесто гледа смешни клипови, прилагодени на нејзината возраст“, изјави Кариќ за БИРН.
Дел од децата со кои БИРН разговараше, рекоа дека гледале штетна содржина. Дванаесетгодишно девојче од Косово наведе оти гледало снимка од „лице што се самоубило“.
Детскиот центар за човекови права на Албанија (ДЦЧП) отвори телефонска линија за помош на Safe.al, со цел да пружи помош во решавањето на проблемите со кои се соочуваат децата на интернет. Најголемиот дел од поплаките се однесуваа на Јутјуб и на Инстаграм, но според директорот на ДЦЧП, Алтин Хазизај, „минатата и оваа година, Тик ток беше една од доминантните платформи за кои добивме поплаки од децата, особено за примери на силеџиство“.
„Се работи, главно, за видеа што се смешни, но не се соодветни за деца“, вели тој за БИРН.
Во однос на времето поминато на оваа мрежа, 43 проценти од родителите изјавија дека нивните деца поминуваат до еден час дневно на Тик ток, додека најголемиот дел од децата одговорија дека поминуваат еден до три часа дневно на оваа мрежа.
Тринаесетгодишно момче од Драч вели дека гледало „видеа со експерименти, како што се мента-кола и слоновска паста за заби“, додека друго, 12-годишно, истакна дека му се допаѓаат „смешни видеа и оти понекогаш и самиот ги правам“.
Загриженост поради влијанието врз вниманието
Основан во 2016 година, Тик ток бргу стана предизвик за популарноста на Фејсбук меѓу помладите луѓе.
„Првенствено, младата публика го губи интересот за Фејсбук бидејќи има огромен процент на луѓе на возраст од 35 до 65 години, група за која се пласираат повеќе содржини“, нагласува медиумскиот аналитичар од БиХ, Амел Петровиќ.
Додека Фејсбук и Инстаграм ги прилагодуваат своите алгоритми, со кои одредена објава може да ја видат ограничен број луѓе, „Тик ток има неограничени ресурси“, вели Петровиќ за БИРН.
„Кога додавате видео, имате можност да допрете до неколку стотици илјади луѓе, без да ја користите опцијата ‘boost’“, објаснува тој.
За децата, тоа значи и поголема потенцијална изложеност на опасни содржини и опасни поединци на интернет.
„Кратките видеосодржини се покажаа како многу добар начин за ‘привлекување’ и задржување на корисниците на апликацијата подолго време, и тоа не само на децата, туку и на возрасните“, вели наставникот Божидар Димиќ од Србија.
Косовскиот психолог Наим Телаку предупредува дека ваквата брза и кратка содржина влијае врз вниманието на децата.
„Ако вниманието е насочено да функционира на овој начин, тогаш детето ќе ја изгуби способноста да се концентрира на други различни активности, ќе ја изгуби способноста за фокусирање, за логично размислување, за рационализирање и она што е многу важно, може да ја изгуби способноста за учење на содржината во училница, способноста за учење општи вештини и знаења“, изјави Телаку за БИРН.
Многу родители се на мислење дека и наставниците имаат обврска подобро да ги едуцираат децата, за негативните страни и потенцијалните опасности на социјалните мрежи.
Но, 87 отсто од анкетираните наставници, вклучително и тие што се воедно и родители, рекоа дека не се запознаени со она што го објавуваат нивните ученици; ист беше процентот на тие што одговорија дека не знаат што следат нивните ученици на интернет. Осумдесет и два отсто од нив воопшто не користат Тик ток.
„Секој наставник што се грижи за образованието и професијата може да одвои малку време за да разговара со учениците за безбедноста на интернет“, вели Емина Бековиќ од Националниот контакт-центар за безбедност на децата на интернет на Србија, државен орган основан во 2017 година, со цел да се занимава со прашањето за безбедноста на децата на интернет.
Наташа Колевска, наставничка по информатика во основно училиште во Северна Македонија, за БИРН изјави: „Ние во училиштето постојано разговараме со нив на оваа тема и се обидуваме да им укажеме на сите стапици со кои може да се соочат“.
„Истовремено, им укажуваме дека, доколку користат Тик ток, да го користат за содржини што ќе бидат корисни за нивното образование или за образованието на нивните врсници“, нагласи таа.
Хасија Дедовиќ, професорка во средно училиште во Сараево, вели дека во нејзиното училиште се одржуваат специјални часови и онлајн-работилници за безбедноста на интернет, за децата и родителите.
Околу 34,5 отсто од наставниците, вклучително и тие што се родители, истакнаа дека училиштата во кои работат имаат „образовна стратегија“, поврзана со заштитата на децата во дигиталната средина.
Но, 58 отсто од нив изјавија дека не поминале низ никаква обука за тоа како да реагираат доколку забележат сајбер-насилство меѓу децата. Речиси 62 отсто од нив изјавија дека не знаат дали некој од нивните ученици бил жртва на малтретирање на интернет. Речиси 31 отсто рекоа „не“, а 7 проценти „да“.
„Разговорот е клучен“
На прашањето дали го ограничуваат начинот на кој нивните деца го користат Тик ток, речиси 39 отсто од родителите одговорија со „да“. Повеќето од нив информираа дека нивните деца добиле инструкции да не комуницираат со непознати луѓе и да не ги споделуваат или откриваат нивните лични податоци, на кој било начин.
Тик ток обезбедува и начини за ограничување на времето што детето го поминува на оваа социјална мрежа и содржината што тоа може да ја види.
Мајка на осумгодишно девојче од БиХ смета дека „соодветното следење“ на тоа колку време детето поминува на паметен телефон може да влијае врз развојот на детето и дека на тој начин може да се „избегнат сите негативни влијанија“.
Таа, како и другите соговорници, ја истакна важноста на разговорите и градењето доверба.
„Јас не воведувам забрани“, вели за БИРН, Ариф Кадриу, татко на три деца од Митровица, кој додава дека го научил својот син да ја проверува заднината на секое видео на Тик ток што го гледа, за да открие кој и каде го направил тоа видео.
„Ограничувањата се базираат на разговор“, истакнува Кадриу. „Мислам дека најдобриот начин е да се зборува и да се објасни животот преку социјалните мрежи“.
Бековиќ, од српскиот Национален контакт-центар за безбедност на децата на интернет, се согласува дека разговорот е „клучен“.
Според неа, родителите мора „да ги подобрат своите дигитални вештини и да се информираат себеси и своите деца за мерките за заштита и начините за идентификување на опасностите“.
„Тие треба отворено да разговараат со своите деца, да градат односи засновани на доверба и да им овозможат на децата слободно да им се обратат за што било.
Хазизај за БИРН објаснува дека ако децата не разговараат со своите родители за проблемите со кои се соочуваат на интернет, тогаш е „многупати потешко да се заштитат“.
Јелена Вукиќевиќ, психолог од Центарот Еду, вели дека не е решение ако на децата им забраните да користат Тик ток.
„Не е доволно да се каже ‘остави го тоа, тоа е зло, не смееш да го користиш, ти забрануваме’“, нагласува Вукичевиќ за БИРН.
„Тоа, едноставно, нема да биде доволно повеќето деца да се откажат од тоа; тие ќе најдат други начини да го користат она што го користат нивните врсници. Затоа родителите треба да бидат информирани за сите можни мрежи што ги користат нивните деца и да одржуваат отворен канал за комуникација со тие деца, да покажат вистински автентичен интерес за она што се случува на социјалните мрежи“.
BOX:
Според последниот извештај на Тик ток за транспарентностa, во втората половина на 2020 година, 36 отсто од отстранетите содржини ја прекршиле помалата безбедносна политика на оваа социјална мрежа, во споредба со 22,3 отсто во првата половина на 2020 година. Од овие видеа, 97,1 отсто се отстранети пред да бидат пријавени, а 95,8 проценти биле отстранети во рок од 24 часа по нивното објавување.
Како што се вели на страницата на оваа мрежа, Тик ток користи PhotoDNA, технологија што помага да се идентификуваат и да се отстранат познатите содржини на експлоатација на децата и е заштита од материјал на сексуална злоупотреба на деца, како и дека во 2020 година, до американскиот Национален центар за исчезнати и експлоатирани деца, биле поднесени 22.692 извештаи, во споредба со 596 во 2019 година.
Според извештаите за транспарентност на Тик ток, албанските агенции за спроведување на законот поднеле едно барање за информации во 2020 година во врска со пет профили. Истата година, Србија поднела три барања за три профили, додека во 2019 година, српските власти побарале информации за еден профил. Тик ток, како одговор, не дал никакви информации.
Milica Stojanovic и Ivana Jeremic.
Дополнително придонесоа Дениса Канамети од Про Пациентит, Гери Емири од Медиа Амфора, Ериса Круезиу од Цитизенс Чанел, Тирана Битиќи и Рина Колиќи од ЌОХУ, Мајлинда Брахими и Фатмир Хајзери од ТВ Митровица, Семира Дегерменѓиќ од Фокус, Енес Хоџиќ и Елмедина Шабановиќ од Tacno.net, Татјана Мрѓа од Удар, Селма Јатиќ он ТВ Слон и Жаклина Цветковска од Куманово њуз.