ИФФ Велес:Канарејките ги собраа аплаузите на велешани!
Oдличнитe интерпретации на традиционалната песна на вокалниот интерпретатор Aна Римаријенко, една од трите девојки, на пеjачката група на фолклорниот ансамбл „Канарејка“ од Киев синоќа ја воодушевија публиката на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“. Ана, Маријана и Олга ја оставија без здив две илјадната публика во амфитеатарот на Младинскиот парк.
Тие свиреа и пеаја песни со кои го заслужија неколку минути долгиот аплауз. Оваа пејачка група го негува стариот мелос на Украина на начин што ги преработува традиционалните песни поточно пишува музика и создава ремикс од етно музиката за потоа да го свири на традиционални инструменти и да ги испее со енергија и емоции кои будат чувства кај публиката на начин на кој што реагираше и вечерва овде во Велес, рече Ана, објаснувајќи дека таа и нејзините пријателки прво изведоа тажна и полна со чувства народна балада посветена на удавена девојка во Украина.
– Низ тонот што го произведовме од народните украински инструменти и нашите гласови вие ја слушнавте тажната народна приказна за две сестри кои одејќи покрај брегот на реката ја бараа својата удавена, трета сестра. Не го најдоа нејзиното тело но тие имаа средба со духот на сестра си.Тоа е навистина тажно. Втората беше весела, митска песна посветена на најубавото годишно време кое според нашата традиција е поттик да се соберат девојките и да ја повикаат пролетта да дојде и во нивниот крај – рече Римаријенко.
Изведбата на втората песна беше пропратена со танцување од страна на играорките на ансамблот од Киев. Римаријенко вети изведба на уште неколку милозвучни песни, создадени од неа, Маријана и Олга, вечерва на затворањето на јубилејното издание на фолклорниот фестивал. Покани да ги ислушаме и потоа да ги коментираме бидејќи како што рече биле ремикс на најубавата етно украинска музика создадени од нив трите.
Вечерва во Велес ќе биде затворен 10-от Интернационален фолклорен фестивал кој на своето јубилејно одржување понуди интересни гости од 9 европски земји. Публиката, во изминатите три вечери, до последно место го полни амфитеатарот на Младинскиот парк. Деветнаесетте фолклорни ансамбли и културно уметнички групи го презентираат македонскиот, турски, босански, српски, украински, романски, полски и литвански фолклор. Секој од нив тоа го прави на оригинален, традиционален начин. Се слушаат звуци и тонови произведени на различни инструменти. Се пеат разновидни народни песни. Се танцува. А токму веселиот танц на ансамблот „Канапеле“ од Литванија се чини дека најмногу ја развеселува публиката.
Свеченото фестивалско затворање е закажано за 20.30 часот. Локацијата е Младински парк или во колку врне во спортската сала „Гемиџии“/Б.Н