Месец на театарот во кавадаречкиот Дом на култура, утре на репертоар театарска претстава на гости од Србија
Шест театарски претстави се дел од манифестацијата насловена „Театар, имагинација и реалност“ организирана од страна на Дом на култура „Иван Мазов – Климе“. Првата претстава во месецот на театарот, “Бајка за театарот/ Bajka o pozoristu” на Театар „Раша Плаовиќ“ од Уб, Република Србија закажана за утре, 10 ноември со почеток во 20:00 часот.
На 13 ноември, со почеток во 19:00 часот премиерно ќе биде одиграна и детската театарска претстава „Црвенкапа и шумскиот судија“ од страна на актерите од Театар при Дом на култура „Иван Мазов – Климе“.
Кавадарчани следната претстава што може да ја гледаат е „Љубовна терапија“ на театар Куманово, на 16 ноември, четврток со почеток во 20:00 часот.
Велешкиот театар „Јордан Х.К.Џ“ пред кавадаречката публика ќе ја одигра претставата „Сара“ на 23 ноември, четврток со почеток во 20:00 часот.
Во понеделник на 27 ноември, со почеток во 20:00 часот следи театарската претстава „Во ресторанот“ на Народен театар Штип.
Следната претстава „WIFI“ на Театар Тетово ќе биде изведена на 2 декември, сабота со почеток во 20:00 часот, додека последната претстава од месецот на театарот, „Чорба од канаринец“ ќе биде одиграна на 5 декември, вторник со почеток во 20:00 часот.
Сите театарски претстави ќе бидат одиграни во Дом на култура „Иван Мазов – Климе„. Оттаму додаваат и дека на почеток на месец декември премиерно ќе биде изведена претставата за возрасни „Каша и кубаси“, но за точниот датум на премиерата следуваат информации наскоро.
Стефани Манева