Оваа недела, пет културни настани во Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци
Работилница за изработка на мартинки и ракотворби од волница, по повод пролетните денови во март е првиот настан којшто ќе се оддржи утре, 1 март, во Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци. На работилницата насловена „Мартинка за среќа“ учество ќе земат младите од Театарот при Домот на културата, како и младите од Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“ којшто работи при домот на култура како и ученици од средните училишта во општината. За време на настанот, неофицијално ќе биде промовиран и Драмскиот клуб за млади кој ќе работи при Домот на културата. Работилницата ќе започне во 19:00 часот и ќе бидат опфатени сите протоколи за заштита од Ковид-19.
Во среда, 2 март, ќе биде промовирана книгата „Мрзен Ораовец“ на авторот Тодор Богев од Кавадарци. Промоцијата ќе се одржи во просториите на Дом на култура со почеток од 19:30 часот.
Во дом на култура четврток, 3 март, е резервиран за реприза на претставата „Не сега драга“ во изведба на Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“, според текст на Реј Куни, а во режија на Диме Боцев. Во претставата играат Диме Коцевски, Магдалена Атанасова, Видан Станоев, Надица Анѓелкова, Александар Малинков, Александар Видиков, Сијче Трајкова, Диме Боцев и Сашко Орешков. Музика и светло – Пепи Ангелов, костимограф – Сара Милевска, суфлери – Благица Илиева и Кристина Јованова, сценска поддршка Диме Темков и тим на Дом на култура Кавадарци.
Оваа претставата е комедија на забуни, ситуации и интересни ликови и е за публика над 16 години. Поради ограничен број на седишта поради протоколите за пандемијата, билети за репризите можат да се резервират на тел.број 075-347-370 исклучиво со СМС порака секој работен ден од 9 до 14 часот. Доколку Ви е прифатена резервацијата ќе добиете повратен СМС. Влезниците се подигаат на билетарница на Домот на културата половина час пред претставата. Доколку не бидат подигнати половина час пред претставата, ќе бидат пуштени во продажба. Остатокот од билетите е во продажба по цена од 100 денари на билетарницата два часа пред на претставата. Претставата ќе започне во 19:00 часот.
Во петок, 4 март, во 19:00 часот, ќе биде отворана ликовна изложба насловена како “Без ограничувања“ на Анита Огњановска од Скопје која живее и работи во главниот град. Нејзината прва самостојна изложба е оддржана токму во Галеријата при Дом на култура Кавадарци во 2015 година.
Сабота, 5 март, повторно репризно издание на претставата „Не сега драга“ со почеток во 19:30 часот.
Стефани Манева