Вратена старата надлежност на велешки „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, наместо Центар за култура повторно Театар (видео и фото)
На денот на патронот, Војордан, министерот за култура и туризам Зоран Љутков попладнево на Жарко Спасовски, директор на Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ му го врачи Решението со коешто му се враќа надлежноста „Театар“ на еден од најстарите во државата, велешкиот.
Притоа Љутков и Спасовски објаснија дека исправаат две децениска неправда откако во 2004 година, со Одлука на тогашна Влада, на многу театри во внатрешноста на Македонија им се одзема оваа надлежност со преименување во Центри за култура. Постапката само останува да се заврши во Централен регистер.
Министерот исто така соопшти дека 170 уметници од А категорија на крајот од 2024 година им се врачени решенија за вработување.
Министерот Љутков, исто така, соопшти дека ќе се реформира финансиското работење на театрите. Овие културни институции нема како досега да аплицираат со Годишни Програми туку прво ќе добиваат финансиски средства за потоа на крајот на годината тие да подлежат на проверки и евентуални зголемувања на буџетите за работа. Министерството ќе ги финансира и учествата на македонските театри на фестивали, дома и во странство.
Програмата за работа за 2025 година на велешки Театар содржи пет премиери и засега едно учество на фестивал, надвор од државата, во Ниш, одговори на прашањето на Дума.мк директорот Спасовски. Буџетот за работа на оваа културна институција, со вкупно 45 вработени, во 2024 година изнесуваше нешто над 2 милиони денари.
На попладневната прес конференцијата, денеска во фоајето на зградата на театарот, присуствуваа сите вработени како и пензионирани глумци.
Убавка Јаневска