Китев: “Ќе го запрам иселувањето на младите од Кавадарци“!
Кандидатот за градоначалник на Кавадарци на “Сојузот за иднината“ Бетиан Китев денеска вети дека ќе го запре трендот на исселување на младите луѓе од земјава и одлевањето на умови од државата.
“Се кандидирав за градоначалник затоа што е време за фундаментални промени во секој сегмент на нашето општество. Затоа што моите родители, вашите родители, заслужуваат спокојни пензионерски денови во кои ќе се радуваат гледајќи ги своите најмили како чекорат напред. Затоа што сакам младите својата егзистенција да ја имаат во Кавадарци, затоа што сакам поубава и подобра иднина за сите, развиена европска урбана средина и сестран прогрес, и конечно, затоа што убеден сум дека ќе успееме да го направиме Кавадарци место каде секој ќе го живее својот сон. Загубата на одделни видови на професии во форма на одлив на умови е особено изразена во Македонија. Според последниот извештај на Светска банка од земјава има висок степен на одлив на мозоци и практично секој кој има шанси да замине во странство го прави тоа“ рече Китев и нагласи дека 447.000 луѓе веќе ја напуштиле Македонија заклучно со 2010 година. Најмногу Македонците се иселувале во Италија, Германија,Австрија, Словенија, Хрватска, Франција и Канада.
“Како млад кавадарчанец сакам секој, оној кој е заминат од Кавадарци да се врати и сите заедно, со сите наши знаења и искуства да го направиме Кавадарци да биде европски град. Да биде достојно место за живеење за секој кавадарчанец. Ние младите од Кавадарци, знаеме дека имаме слични проблеми со нашите врсници, знаеме дека и тие се грижат да се запишат на универзитетот за кој сонуваат, да најдат подобра работа и место каде ќе црпат енергија и идеи за своите приватни и професионални успеси. Откривајќи ги успесите на нашите врсници, споредувајќи ги со нашите, ние брзо го воочуваме фактот дека тие меѓусебно се проникнуваат и поттикнуваат.Ние младите од Кавадарци вештачки сме доведени во состојба на инфериорност и затоа бараме преку олеснување на условите за вработување на младите во Кавадарци истите да ги спречиме во иселувањето надвор од Кавадарци кое сега масовно ни се случува“ нагласи Китев./ А.Д
