Коцевски: „Среќен сум што и на наштимани анкети, пак водам“!

Објавено на 17 март, 2013 во 13:57

„Им го честитам празникот Прочка на сите граѓани на Велес и еве барам прошка од нив ако нешто сум им згрешил во изминатиот период“, рече денеска кандидатот за градоначалник на Велес на СДСМ, Аце Коцевски на централниот градски пазар каде ги продолжи активностите од неговата изборна кампања.

Тој соопшти дека е задоволен од кампањата што во изминатиот ден се случила во велешките села Горно Оризари, Бузалково, Клуковец и Црквино.

„На мое големо задоволство наидуваме на одличен прием кај граѓаните, на секојдневните средби, со различни целни групи. Вчера имавме исклучително успешен ден кога наидовме на одлична поддршка Очекувам така да биде до крајот на кампањата и голема победа уште во првиот круг,“ рече Коцевски.

Потоа реагираше на поставените знамиња на ВМРО ДПМНЕ на уличните столбови низ Велес велејќи дека станува збор за законски прекршок бидејќи партиските знамиња не смеат да се веат на имот на граѓаните и на општината.

„И тоа не е се, бидејќи почнаа калкулациите и шпекулациите за купување со пари и со други надоместоци на гласовите на граѓаните. Исто така по домовите на граѓаните се делат летоци на кои се испечатени мојот, ликот на Бранко Црвенковски и на Љубчо Ѓоргиевски чија цел е да бидеме оцрнети. Но, јас сум убеден дека се ова ќе предизвика контраефект кај граѓаните и дека за тоа конкурентите ќе се уверат на самиот ден на гласањето,“ рече Коцевски.

Запрашан за коментар на анкетата на институтот Павел Шатев, според која во општина Велес,  тој со само 1% води пред кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ , Коцевски одговори дека резултатите и од таквата анкета го прават среќен.

„Јас сум многу среќен што и на нивните партиски анкети кои се многу наштимани сум во водство. Тоа значи дека предноста е многу поубедлива бидејќи тие намерно не ги објавуваат податоците за процентуалниот износ на гласачите кои во анкетите не сакале да кажат за кого ќе гласаат. Тој процент во анкетата на МЦМС изнесува 11%. И во нивната анкета има таков голем процент што заедно со другите на граѓаните кои соопштиле за кого ќе гласаат се надевам дека ќе предизвика голема победа уште во првиот круг,“ рече Коцевски.

Кандидатот за градоначалник на Велес од Сојузот за иднината потоа подели пропаганден материјал и разговараше со граѓаните кои пазаруваа или продаваа на тезгите на пазарот. /Б.Н.Т

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.