Коцевски:Ќе победам во прв круг и покрај валканата кампања на ВМРО ДПМНЕ!
Кандидатот за градоначалник на коалицијата Сојуз за иднината Аце Коцевски ја заврши кампањата барајќи ја довербата на велешани за заедно да му ја вратат насмевката на градот.
Водевме позитивна кампања, посетивме 11 600 домови, разговаравме со различни профили на граѓани и ја создадовме програмата која ќе ја реализираме. Ова денеска го порача Аце Коцевски, кандидатот за градоначалник на СДСМ и Сојузот за иднината. За разлика од нас ВМРО ДПМНЕ води валкана кампања рече Коцевски.
„Купуваат гласови со огревни дрва, брашно, шеќер и пари. Сите валкани работи се случуваат сега додека ние држиме прес конференции и работиме на терен, тие вршат притисоци и закани. Не ми е страв и би сакал да го споменам началникот на полицијата Петре Игнов, кој деновиве заедно со пратеникот и кандидатот на ВМРО ДПМНЕ шета по селата и врши притисоци. Уште еднаш ќе повторам дека не смее да дозволиме Македонија да биде партиско – полициска држава. За жал во земјава изборниот ден е секогаш навидум мирен, но тоа не значи дека изборите се фер и демократски“, рече Коцевски.
И покрај тоа Коцевски е убеден дека ќе победи уште во првиот круг. За тоа ја побара довербата од граѓаните ветувајќи им европски и економски развиен Велес.
„ Со нашата програма нудиме визија за промена на нашата општина за таа да стане развиена и посакувана за живеење. Но со гласот кој ќе го дадете за нас давате глас и за промена на централната власт бидејќи на овие избори ќе му кажеме не на режимот на Груевски и погрешната политика која ја води со ВМРО ДПМНЕ која ја назадува земјата. За тоа мора да го промениме курсот по кој се движи централната власт и после овие избори веднаш одиме на предвремени парламентарни избори“, рече Коцевски.
Им се заблагодари за поддршката што ја доби во капмањата и ги повика велешани да го дадат својот глас за него и неговиот тим советници предводен од носителот на листата Благој Коларов, бидејќи како што рече со тоа ќе го дадат својот глас за себе./Б.Н.