Завршен митинг на ВМРО ДПМНЕ : Мандат за нови дела!
Во недела гласајте за победничкиот концепт чии припадници работат двосменски за напредокот на државата, порача вечерва лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски од митингот во Велес.
На последниот ден од кампањата им порача на граѓаните да го направат вистинскиот избор и да гласаат за кандидатите на коалицијата за подобра македонија.
„Од една страна имаме концепт кој што кога ја имаше довербата на граѓаните се беше во ред, а кога ја немаат довербата од граѓаните сака да ги бојкотира изборите и прави штета, хаос го бојкотира парламентот и се што може да и наштети на државата само и само да се оствари личниот интерес. Од друга страна имате концепт на ВМРО ДПМНЕ кој кога ја има довербата работи чесно, одговорно, макотрпно, во две смени, а кога ја нема довербата и ќе погреши знае за тоа, знае да се извини, да признае и да оди напред“, рече Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.
Груевски му се заблагодари на досегашниот градоначалник Горан Петров и го промовираше новиот кандидат Славчо Чадиев за кој рече дека е динамичен, енергичен, човек од збор кој веќе работи по принципите на својата партија.
Чадиев пред велешани ја престави својата програма како амбициозна со големи планови за развој на економијата, инфраструктурата, спортот и културата во градот, критикувајки го работењето на противкандидатот, Аце Коцевски.
„Горд сум на моите сограѓани бидејќи покажаа дека можат да бидат единствени во тежок период, бидејќи се спротивставија на верските расипници кои ја раскрчмуваа божјата куќа. Велешани на минатите локални избори се обединија против човекот кој со шминка на главната улога му потроши девет години на мојот, твојот, вашиот Велес и еве го сега истиот тој човек се шета по велешките семејства и бара уште четири години да биде градоначалник“, рече Славчо Чадиев, кандидат за градоначалник на Велес.
Коалицијата За подобра Македонија ја промовираше и советничката листа предводена од Александар Колев составена од како што беше речено угледни лекари, професори, спортисти, пензионери.
„Работевме и создадовме дела хидросистем Лисиче, потпорни ѕидови на Рамина, нова театарска зграда, реновирање и опремување на велешка и болница во Јасеново,“ рече Колев.
Пред утрешниот молк ова беше и последниот митинг на коалицијата За подобра Македонија на која побараа доверба од граѓаните на престојните локални избори./Б.Н.