Китев до Панов: „Избери телевизија и новинар и ајде на соочување“!
Објавено: 26 март, 2013, во 12:34 часот
Кандидатот за градоначалник на „Сојузот за иднината“ Бетиан Китев денеска на прес конференција им се заблагодари на кавадарчани кои му дале подршка во првиот изборен круг на локалните избори. Оцени дека овие избори биле се`, само не фер и демократски.
„Од самиот почеток на кампањата се соочивме со најгнасната изборна кампања која била спроведена на територијата на Република Македонија. Денот на изборниот молк, молкот важеше само за Сојузот на иднината. Кавадарци беше преплавен од флаери и разни пропагандни материјали од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту билборди се отстранија од пред избирачките места, ниту штабовите на ДПМНЕ околу избирачките места беа затворени, ниту пак некој реагираше на сите приговори од страна на СДСМ. Не постоеше поштенско сандаче во кое немаше ставено пропаганден материјал ниту пак влезна врата на чија квака немаше закачено флаерче од владеачката партија. На тоа институциите останаа глуви“ обвини Китев.
Забележа дека избирачките списоци функционирале по системот пиши-бриши. Над илјада нивни членови неможеле да го остварат избирачкото право бидејќи ги немало на избирачкиот список, иако во периодот за увид ги имало.
„На кандидатот за советник Горан Белевски од СДСМ кој воедно и влезе во советот на општина Кавадарци, му беше оспорено правото да гласа и беше избришан од списокот. На повеќе избирачки места се фатени членови на ДПМНЕ како го сликаат гласачкото ливче. Имаше прекини во гласањето, затворање на избирачките места. Владееше тензичност и сила од позиција на власт. На терен имавме чесни граѓани против узурпирани државни институции кои ги користеа сите можни средства и методи за интересите на ДПМНЕ. Се агитираше на самото место на гласање, буквално се извлекуваа граѓани од своите домови за да излезат да гласаат и се делеа пари по куќи. Истакнати членови на ДПМНЕ со службени возила вртеа низ градот и злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања вршеа притисок на гласачите“ рече Китев.
Тој посочи дека гласовите кои ги добил „Сојузот за иднината“ биле гласови на граѓани кои без никаков притисок и без никаков личен интерес гласале за иднината, гласале против диктатурата и режимот. Наспроти тоа, Китев оценува дека гласовите на ВМРО-ДПМНЕ биле гласови земени насилно, со закани, гласови земени на нечовечки начин.
„Народ без демократија нема слобода. А народ без слобода нема достоинство. Да не дозволиме тоа да се случи во Кавадарци. Пред нас е втор круг гласање. Во наредниов период ќе продолжиме со нашата кампања. Ние сме тука за Вас. Ви подаваме рака и Ве повикуваме оваа работа да ја завршиме заедно до крај. Ја имаме можноста да покажеме дека кавадарчани знаат да се изборат за она што го сакаат. Дека кавадарчани се политички созреани и дека не може никој да ја купи потта на лозарот.Во исто време, го повикувам кандидатот за градоначалник од ДПМНЕ кој влезе во втор круг, да одбере една од локалните телевизии, да одбере новинар и да излеземе на ТВ дуел бидејќи граѓаните го заслужуваат тоа“ нагласи кандидатот на опозицијата.
Китев во вториот изборен круг ќе трча со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Панов/А.Д
