Коцевски: Ајде да ги видиме моите и твоите дела, Чадиев!

Објавено: 26 март, 2013, во 13:11 часот

Кандидатот за градоначалник од Коалицијата Сојуз за иднината Аце Коцевски денеска соопшти дека влегува во вториот натпреварувачки круг за освојување на трет градоначалнички мандат во Велес поради 263 гласа кои му недостасуваа за да победa во првиот круг, во неделата и со разлика од над 1.000 гласа во споредба со против кандидатот.

„ Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани, особено на оние кои гласаа за мене, за поддршката што ми ја дадоа во првиот изборен круг. Освоените 16.163 гласови се фантастичен резултат, еден од најдобрите за опозициските кандидати во Македонија и најголем број на гласови што воопшто некогаш во Велес ги освоил некој кандидат на било какви избори. Овој резултат, со дадените 16.163 гласови за мене, е доказ за вољата и желбата на велешани да живеат во подобар поправеден и понапреден Велес“, рече Коцевски.

Тој ваквата поддршка ја разбира како знак дека граѓаните избраа докажани резултати и дека имаат доверба во сето она што во изминатите години како градоначалник го направил за Велес и велешани.

Потенцираше дека тоа што изборите навидум поминаа мирно не значи дека беа фер и демократски, и наведе бројни нерегуларности, притисоци и уцени од страна на политичките опоненти пред и за време на изборниот ден.

Бугарски воз, масовно гласање, огромен број пријавени болни и немоќни лица, поткупи , користење на општински и државни средства се само дел од неправилностите кои ги наброја Коцевски.

Од политичките опоненети побара да не ги присвојуваат делата што тој и велешани ги направиле со парите од општинскиот буџет или пак ги создале со пари обезбедени од донации, домашни и од  странство.

Му упати нова покана на против кандидатот за дуел.

„Ја фрлам ракавицата. Господине Чадиев ако немате воља за телевизиски дуел, тогаш Ве поканувам на заедничка средба со граѓаните да ги посетиме  делата што вие ги направивте и делата што јас сум ги направил заедно со велешани. Да видат граѓаните што направивте Вие, а што направив јас. Вие ќе останете запаметен по раскрчмувањето на имотот на општината, по подарувањето на хотелот во Врановци на Општина Чашка. Ве повикувам да покажете една награда што сте ја освоиле Вие за било што во животот или општината под Ваше водство. Нели за дела се зборува,“ рече Коцевски.

Велејќи дека не очекува фер и демократски избори ниту во вториот изборен круг Коцевски рече дека до крај ќе води позитивна кампања и ги повика велешани, и покрај сите закани и притисоци,  храбро и достоинствено да излезат на 7 април,на Благовец и да му ја дадат поддршката.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.