Бурна седница, денеска, во ДИК!
Помина рокот во кој ДИК требаше да ги разгледа и да одлучи по приговорите поднесени од неколку изборни единици каде беа регистрирани нерегуларности за време на првиот изборен круг, во неделата.
За време на одржување на седницата имаше бројни расправии кои повеќе се однесуваа на партиски препукувања за тоа како и на кој начин треба да се зборува на седницата а не за изборните нерегуларности.
„По кој основ треба да му дозволиме да гласа на градоначалникот на Пустец од Албанија а да не дозволуваме на човек кој е од тука и лидер на политичка партија кај нас. Што сме ние, хотел промаја во оваа држава, па кој како сака нека прави,“реагираше Мирослав Вуиќ, овластен претставник на СДСМ.
Според објавените податоци ДИК одлучи да поднесе 12 иницијативи до Основниот суд Скопје 2 од усвоените приговори на коалицијата „Сојуз за иднината“ што се однесуваат на првиот круг од локалните избори. Четири иницијативи има за Свети Николе, по две за Тетово и за Градско и по една иницијатива за општините Битола, Виница, Демир Капија и Валандово.
Ќе се поведе дисциплинска постапка за претседател на избирачки одбор во Битола, кој дома го однел гласачкиот материјал и печатот.
ДИК попладнево го поништи гласањето на едно избирачко место во Охрид каде било утврдено дека во гласачката кутија имало едно ливче повеќе од регистрираните според избирачкиот список. Службите на Државната изборна комисија треба да проверат дали бројот на гласови од ова избирачко место во Охрид ќе влијае на резултатите за избор на градоначалник.
Беа отфрлени 47 приговори на СДСМ, со надгласување на мнозинството, кое е од коалицијата на власт.
Мирослав Вуиќ од СДСМ посочи дека им било дозволено да гласаат на жители од Пустец со македонски патни исправи на кои како место за живеење е наведена Република Албанија.
Претседателот на Комисијата Борис Кондарко,предложен од редовите на СДСМ и членот на комисијата Анета Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ исто така дискутираа за тоа на колку висок тон на седницата Вуиќ треба да се зборува.
„Како претседател мислам дека треба да преземете мерка и да му укажете, бидејќи сите ние ќе поднесеме пријава против човекот, значи да си се владее, не може вака, јас не можам да трпам повеќе“, реагираше Стефановска.
До ДИК, во законски предвидениот рок, по затворањето на гласачките места по првиот круг од гласањето на локалните избори пристигнаа вкупно 428 приговори. Најголем дел од нив се од СДСМ и тоа над 70 од Охрид, над 60 од Радовиш, 47 приговори се од Ресен, 80-тина од Аеродром, 20 од Штип и 37 од Прилеп.