Ивон:Мирен и фер, втор изборен круг!
Мирен и фер втор изборен круг на 7 април со фокус на локални теми, без националистичка реторика, туку со дискусија за локални прашања кои се во корист на граѓаните, очекува британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон, но потсетува дека за тоа нема гаранции и никој не знае што ќе се случи на 7 април.
„Јас се надевам дека ќе бидат мирни и ефикасно спроведени, бидејќи сакаме да видиме избори што и одат во прилог на Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ,“ рече Ивон.
Според британскиот амбасадор, се уште е рано да се даде целосна оценка на изборите. Вели дека сегашните впечатоци се базирани на прелиминарните заклучоци на ОДИХР, во кои се вели дека изборите беа ефикасно спроведени, но има многу области на кои треба да се работи и се даваат препораки заради подобрувања во иднина.
Британскиот амбасадор во земјава, Кристофер Ивон не сака да шпекулира за содржината во претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и дали во него оценката за изборите ќе биде позитивна, бидејќи, како што рече, тој не го пишува извештајот.