Груевски: Велешани да му дадат поддршка и на кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев!
Објавено: 29 март, 2013, во 19:40 часот
Велешани ќе добијат затворен градски пазар рекоа денеска од локацијата претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски и кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев. За проектот потенцираа дека е еден од најприоритетните според програмата на партијата и на кандидатот Чадиев.
„Денеска сум тука во Велес, во разгледување на еден проект кој го имаме зацртано во програмата 2013 -2017, програма на ВМРО ДПМНЕ и на идниот градоначалник Славчо Чадиев а тоа е овој пазар. Значи заедно со јавно приватно партнерство да се изгради во цврста градба и да се подобрат условите и за тие што продаваат и за луѓето кои доаѓаат да купуваат. Ова е многу фреквентно место и затоа е многу важно пазарот да се изгради. Господинот Чадиев изградбата ја има предвидено во програмата од која ќе се подобрат условите за граѓаните исто како што направивме во Крушево со поддршка на Владата,“ рече Груевски.
„Ова ќе биде покриен градски пазар на две нивоа со трговски центар а во исто време и просторот околу него ќе се уреди со нов паркин простор. Ке го градиме со јавно приватно партнерство. Поразговаравме со премиерот и околу индустриските зони поконкретно за новата индустриска зона во Караслари, доизградба на Речани 2 и инфраструктурно довршување на УЗУС. Го информирав премиерот и за проектите како што се реновирање на градски стадион, реконструкција на училиштето гимназија, за комуналните и инфраструктурни проекти во селата Сливник, Оризари, Црквино. Имаме 117 проекти кои ќе ги заокружиме со предвидени рокови,“рече Чадиев.
Груевски ги потенцираше и останатите проекти со кои ВМРО ДПМНЕ ја бара довербата од велешани за кандидатот за градоначалник Славчо Чадиев.
„Она што е значајно и што сакам да го порачам до граѓаните на Велес е дека ВМРО ДПМНЕ ја доби поддршката за мнозинството во советот. За да се реализира програмата што ја зацртавме потребно е и Славчо Чадиев да ја добие поддршката на граѓаните. Само во тој случај ние ќе можеме да ја реализираме програмата а Владата да има партнер со кој ќе соработува во Велес,“ рече Груевски.
Претходно тој ја најави странската инвестиција за отворање на фабрика за електроника со вработување на 600 луѓе од која, како што рече, бенефит ќе треба да почувствуваат многу други придружни дејности, да се отворат нови работни места потоа доизградбата на постоечките но и изградба на нови индустриски зони во градот, реализацијата на втората фаза од хидросистемот Лисиче како и проектот за нов сообраќаен режим на велешките улици./Б.Н.Т
