Заев: „Не остана ни трошка од правната држава“
Објавено: 2 април, 2013, во 21:14 часот
Одлуката на Управниот суд за прегласување на три избирачки места во Струмица, победникот во првиот изборен круг, Зоран Заев ја оквалификува како политичка и резултат на едноумитето во Македонија. Тој нагласи дека не останало ни трошка од правната држава.
„Власта е одговорна за спроведување на изборите, таа носи одговорност за тоа како ќе течат изборите. Кај нас во Струмица, истата таа власт поднесува приговор на изборите и истата таа власт пресудува. Беше сосема очекувано дека Државната изборна комисија со мнозинство гласови од ВМРО ДПМНЕ ќе донесе политичка, а не правна одлука за трите смешни приговори за изборите во Струмица“, рече Заев.
Според него, одлуката на Управен била преседан кој требало да го загрижи секој македонски граѓанин.
„Замислете, истите работи поради кои се прегласува во Струмица се причина да не се прегласува на други преку 120 избирачки места. За судиите од Управниот суд во сите други избирачки места белото е бело, само за избирачките места во Струмица белото е црно. Видете ги сите пресуди на Управниот суд на нивната веб страна, споредете ги со оние за Струмица и се ќе ви биде јасно. Ако имаат малку достоинство и совест луѓето од Управниот суд, требало синоќа око да не склопат од грижа на совест“, изјави Заев кој додаде дека граѓаните во недела да ја донесат конечната пресуда и Струмица ќе остане остров на слободата во оваа земја поробена од власта.
Наспроти Заев, ВМРО-ДПМНЕ смета дека одлуката била исправна.
„Последниот мегафон на пропаднатата СДСМ во Струмица, потпретседателот Зоран Заев панично ги обвинува сите во Република Македонија повторно без аргументи и со доза на самосожалување карактеристична за сите негови настапи,“ стои во писмена реакција од ВМРО-ДПМНЕ во врска со денешните обвинувања./ А.Д
