Коцевски: Велешани ќе добијат сограѓанин еднаков на себе!
Објавено: 5 април, 2013, во 12:53 часот
На последното обраќање пред молкот кандидатот за градоначалник на Велес, Аце Коцевски од СДСМ ги наброја своите главни предизборни проекти и ја побара поддршката од граѓаните. Жали што ниту пред првиот изборен круг, ниту сега нема фер политичка борба и оцени дека овие избори се далеку од демократски.
„Ниту заканите, ниту уцените и заплашувањата, ниту намерата да ме омаловажат најмногу што можат, ниту валканата кампања, ниту намерата цел град да се „разболи“ пред вториот круг од изборите, нема да не спречат да истраеме во нашата цел – да продолжиме по патот на успехот и просперитетот. Цврсто сум убеден дека негативизмот на власта не носи ништо добро, ниту за нас како граѓани, ниту за Велес, ниту пак за Македонија. Црнилото може само да деградира, да уништи. Не може да создаде, ниту да развива“, рече во своето обраќање до велешани Аце Коцевски.
Тој одново истакна дека во кампањата не говорел за дела туку ги покажал, а такви биле индустриските зони, кејот на Вардар, Мало мовче, Коњаникот, новата библиотека со салата Бели Мугри, Ликовниот салон, капелата и новите градски гробишта, колекторскиот систем и пречистителната станица на Езеро Младост, пешачкиот надвозник, Младинскиот парк со фонтаната и многуте патишта, улици, тротоари, водоводни и канализациони мрежи, паркови, спортски терени и споменици.
„Ве повикувам на 7-ми април, без страв , масовно излезете на избирачките места и потврдете ја вашата моќ да одлучите за подобар, поубав и понапреден Велес. Уште еднаш ја барам Вашата поддршка за со моето знаење и искуство, со многу работа, со голема љубов и посветеност, чесно, домаќински и одговорно, да придонесам за да ги решаваме проблемите, за да се отвораат нови работни места, за да се намали сиромаштијата, за да се подобри квалитетот на живеење, за да се обезбедат квалитетни услуги за граѓаните. И Велес пак да биде општина на задоволни и среќни граѓани со која сите ние ќе се гордееме и за да се врати во врвот на општините во Македонија како и што му прилега“, рече Коцевски.
Потсети дека гласот за него е даден со заокружување на редниот број 42 и вети дека со поддршката за него наместо функција градоначалник велешани ќе добијат сограѓанин еднаков на нив./Б.Н.
