Китев: „Гласајте за чесност и домаќинско работење“!
Објавено: 5 април, 2013, во 16:36 часот
Кандидатот за градоначалник на Кавадарци од „Сојузот за иднината“, Бетиан Китев денеска упати уште еден повик за кавадрчани да гласаат за чесност и домаќинско работење.
„Денес стојам пред Вас со целата своја чесност, со целиот мој авторитет и со сето она низ кое сме поминале заедно и го барам Вашиот глас. Не за мене, не за партијата, туку глас за граѓаните. За сите оние кои тропнале на вратите од општината и не им отвориле, за сите млади кои неможат да се вработат поради тоа што немаат партијски книшки, глас за сите оние кои го чувствуваат притисокот од властодршците и сите оние кои се соочени со уцените за своето работно место доколку не ги исполнуваат партијските директиви. Барам од Вас, мои кавадарчани, да казните за сите навреди и омаловажувања кога Ви нуделе пари, кога Ве потцениле и кога Ви дошле на вратата од Вашиот дом и пред Вашето семејство се дрзнале да Ве купат. Ве лажеле, Ве манипулирале, Ве злоупотребиле, Ве понижиле и ја искористувале вашата доверба. Сега имаме шанса да ставиме крај, да направиме чекор кој ќе биде симбол на силата на граѓаните. Да направиме чин со кој ќе испратиме една јасна порака до оние кои заборавија кој ги донесе таму каде што се и од каде дојдоа. Иднината на Кавадарци е во рацете на граѓаните. Граѓаните се тие кои одлучуваат за нивната судбина. На човек со сила може да му се земе, но не може да му се даде. За да му дадете, треба да пружи рака. Прифатете ја пружената рака која ви ја подаваме и ајде заедно да тргнеме кон нашата иднина.“ рече Китев и потсети на проектите за чија реализација ја бара подршката на кавадрчани.
„Ќе развиеме силна индустријска зона, чаршијата повторно ќе ја направиме да блеска во сиот свој сјај а не како сега, сите објекти празни стојат а сопствениците очајно бараат некој кираџија. Ќе обезбедиме бизнис клима и преку привлекувањето на странски инвестиции ќе отвараме нови работни места. Спортските школи ќе доживеат вистинска ренесанса. Ќе ставиме посебен акцент на подршка на младите интектуалци и никако нема да дозволиме овие таленти да ни се излеваат од градот. Ќе го изградиме овој наш прекрасен град во европска општина која ќе направи вистински амбасадори од своите капацитет кои ќе бидат ставени во полна функција. Кавадарци бил и ќе остане град на виновата лоза каде лозарството повторно ќе го направиме профитабилна дејност, а лозарите ќе ги ставиме под дирекна заштита на градоначалникот. Почитувани кавадарчани, да не дозволиме пред очи да ни се распаѓа градот. Седум години со прст никој не чепна во Кавадарци. Околните села се на забот на времето. Луѓето немаат канализација. Немаат доктор, лекови неможат да си земат. Нема елементарни услови за живот. Сликата е ужасна. Само човек без страм, без образ и без чувства може после седум години апсолутна власт да отиде пак таму и да зборува за дела.“ рече Китев./ А.Д
