ТОП 5 дезинформации за војната во Украина во 2022 година
Војната во Украина, покрај тоа што произведе големи страдања, воени и цивилни жртви, стотици милијарди долари унитшена инфраструктура, таа произведува и редовен наплив на дезинформации. Значителен дел од нив пристигнуваат и во С. Македонија со цел да ги замаглат фактите и да му помогнат на Кремљ во борбата за јавното мислење во земјава, пред сѐ, за да ја оправда со ништо предизвканата агресија врз својот сосед. Овде ги наведуваме најеклатантните примери на вирални дезинформации креирани токму со таква цел
Пишува: Симона Атанасова
На крајот на февруари 2022 година, во светот, кој сѐ уште лечеше рани од пандемијата со ковид-19, се случи војна на европско тло прв пат по многу години. Една суверена земја нападна друга суверена земја. Русија реши со своја војска и оружје да изврши офанзивна врз Украина која е суверена и независна држава.
Војната, освен на тлото на Украина, засилено и постојано се води и на интернет просторот. Од 24 февруари 2022 година, дезинформациите за тековниот конфликт почнаа да растат низ цела Европа (и пошироко). Руската војна во Украина обезбеди плодна почва за ширење на дезинформациите на интернет просторот. Teнденциозното известување и фабрикацијата на вестите се исто така оружје кое што се користи во оваа војна, а пропагандата од двете страни е машина под силен погон.
Во тековниот конфликт, руските пропагандни напори се состојат и од цензура во Русија за да се одржи фикцијата за конфликтот како „специјална воена операција“ наместо инвазија. Русија создаде наратив дека оваа воена операција е за ослободување на Украина од нацистите и фашистите.
Во Македонија, дезинформациите поврзани со оваа војна најчесто пристигнуваат од странство и се преведуваат, а потоа се шират на социјалните мрежи. Забележително е што многу од профилите на социјалните мрежи кои ширеа дезинформации за ковид-19 и за вакцините, сега шират про-Кремљ дезинформации.
На полетокот од овогодишната инвазија се споделуваа слики и видеа од 2014 година, кога се случи првиот судир меѓу Украина и про-руските сепаратисти потпомогнати од Москва, па дури и од југословенските војни во 1990-тите, а притоа тврдеа дека се од актуелната војна, додавајќи дека на сликите или на видеата се прикажани украински војници правејќи нешто неетичко или спротивно на меѓунароните правила и норми за оружен судир..
Но, како што се развиваше војната, така се добиваше впечаток дека има размислувачки процес зад конкретната дезинформација и тие стануваа поубедливи, поударни и потаргетирани. Во последно време, се користи барем малку вистина како мамка, да се стекне доверба од читателите, а потоа се генерираат тон лаги.
Прочитајте за петте најголеми дезинформации во 2022 година, поврзани со руската војна во Украина, кои што тимот на Вистиномер ги дебанкираше.
- Украина е нацистичка/фашистичка и ја заслужува војната
Голем број на објави на социјалните мрежи тврдат дека Украина е нацистичка и фашистичка, дека таму се глорифицира нацизмот (неонацизмот), како и дека Зеленски е нацист. Ова се прави сè со цел да се оправда руската агресија врз оваа суверена земја којашто трае повеќе од 10 месеци.
Зеленски манипулативно и неосновано беше споредуван со Хитлер, а се ширеше и фотографија на која тој наводно држи дрес на којшто има свастика. Проверувачите на факти на АФП покажаа дека фотографијата којашто е споделена е дигитално изменета и го покажува Зеленски фотомонтиран.
Се споделуваше и фотографија која делува како да е снимена после склучување на брак, а новите младоженци изгледаа како да симулираат нацистички поздрав додека во позадина се гледа знамето на Украина. Меѓутоа, проверката на факти покажа дека фотографијата на којашто гости на свадба симулираат нацистички поздрав не е направена во Украина, туку во Русија.
Наративот со неонацистите го почна на крајот на февруари рускиот претседател, Владимир Путин, кој кажа дека лидерството на Украина содржи неонацисти. Зеленски, пак, кој е Евреин, ги демантираше тие тврдења и потсети дека негови членови на семејството биле убиени од нацистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.
2. Бомбардирањето врз породилиште во Мариупол е лажно
Дел од пропагандата е со силно темпо насочена кон дискредитирање и силни лични напади кон претседателот на Украина, Зеленски. Па така на почетокот на војната, се споделуваа информации дека Зеленски ја напуштил Украина и избегал во Лондон. За да ги демантира овие дезинформации, самиот Зеленски сними видео обраќање од Киев и порача дека не е предавник. Дезинформација дека Зеленски веќе не е во Киев се ширеше и во октомври.
Украинскиот претседател беше обвинет и дека вечерал со нацисти од Азов, но вистината е дека тоа видео е снимено во 2019 година и станува збор за вечера со воена единица кај селото Золоте во луганската област пред три години.
Многу вирална објава, на повеќе Фејсбук профили низ светот, беше и фотографијата со којашто се тврдеше дека Зеленски учествувал на геј парада. Но, на оригиналната фотографија го нема Зеленски. Фотографијата која им е сервирана на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук е со изменета содржина (altered content) односно фотошопирана со ликот на украинскиот претседател.
- САД развиваат био оружје на територијата на Украина
На 6 март Министерството за одбрана на Русија тврдеше дека добило докази за тоа дека Украина и САД соработувале да развијат биолошко оружје. Во мноштво руски медиуми оваа информација одекна со брзина на светлината, а беше пренесена и кај нас. Според мајор генерал, Игор Конашенков, патогени за смртоносни болести, меѓу кои чума, антракс и колера биле создавани во овие лаборатории, за да бидат користени во биолошко војување и дека овие лаборатории ,,се основани од САД и од американското министерство за одбрана”.
На социјалните мрежи се ширеа тврдења дека откако руските војници влегле во Украина на 24 февруари годинава, украинската влада наредила итно да се уништат патогени на чума и антракс во лаборатории кои се финансирани од САД.
Вистината е дека на територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати беше дебанкирано и од светските сервиси за проверка на факти.
Објавите погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Службата за безбедност на Украина, главната безбедносна агенција во земјата, лабораториите за коишто се говори на социјалните мрежи се во сопственост и финансирани од украинската влада.
- Масакрот на цивилите во Буча е инсцениран
Неколку многу вирални објави на Фејсбук неточно тврдеа дека мртвите во украинскиот град Буча се исценирани. Овие тврдења се базираа на манипулирање со доказите, особено со визуелните докази за овој масакар.
Откако руските војници се повлекоа од градот, во јавноста се појавија слики кои покажуваат големо уништување и трупови во цивилна облека расфрлани низ улиците, со рацете врзани зад грб. Овие слики беа споделени на социјалните мрежи и објавени од меѓународни медиуми кои го посетија градот.
Но, освен сцените што ги објавија медиумите по руското повлекување, и сателитски снимки покажуваат тела на убиени луѓе додека руските војници сѐ уште беа во таа област. На сателитските снимки направени на 19 март – речиси две недели пред руските трупи да се повлечат, може да се забележат тела. Сликите, првично објавени во Њујорк Тајмс и потврдени од Би-Би-Си, покажуваат тела на истите позиции на улиците, како и по повлекувањето на руските трупи. Така што, тврдењата дека масакрот на цивилите во Буча е инсцениран се неточни.
- Украина e виновна за масовните гробници во Изиум
Во врска со масовни убивања на територијата на Украина кружеше на интернет просторот кружеше и следнава неточна информација. Фотографија од пронајдена масовна гробница во Изиум беше искористена да се манипулира дека датумот на смртта на гробовите прикажува дека убиствата не ги направила Русија, туку самата Украина. Ова, исто така, е една од низата дезинформации.
Имено, фотографијата од Фејсбук објавата, на која се прикажани гробови со имиња, презимиња и датуми на раѓање и умирање, всушност, се однесува на едно семејство од шест членови кои загинале на 9 март како резултат на бомбардирањето на руските воени сили. Станува збор за две девојчиња на шест и осум години, нивните родители и нивните баба и дедо.
Што може да направите да се заштитите од напливот на дезинформации?
Од витално значење е да знаете каде да најдете веродостојни информации за настаните во Украина и да знаете како да избегнете да бидете измамени од споделените лажни и погрешни информации. Бидете внимателни за тоа што го читате и проверете пред да споделите. Избегнувајте лајкување и споделување визуелни слики што не се потврдени од веродостојни извори засновани на стандарди. Следете ги професионалните новинари на терен, угледните новински организации и проверувачите на факти кои ги разоткриваат невистините во реално време.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар