Апелација потврди дека Палчо,Манев, Видевски и Кешишев ќе лежат доживотно, предметот на таткото на Вања се враќа во судница
Објавено: 15 јули, 2026, во 15:17 часот
Апелациониот суд Скопје ги потврди доживотните казни затвор за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Во исто време, судот ја укина ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и предметот го врати на повторно судење.
Апелациониот суд Скопје информира дека постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Убиството на Вања и Панче“ донесе одлука со која ги одби како неосновани жалбите на обвинетите В. М., Б. В., В. К. и Љ.П., а ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, на начин што пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1339/24 и К.бр.1571/24 од 25.06.2026 година:
-Ја потврди во осудителниот дел по однос на обвинетите В. М., Б. В., В. К. и Љ. П., каде се огласени виновни за едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 7 в.в со член 22 од Кривичниот законик, едно кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 22 од Кривичниот законик и едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 4 в.в со член 22 од Кривичниот законик и осудени на казна затвор – доживотен затвор. Ја укина во ослободителниот дел – по однос на обвинетиот А.Ѓ., за кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, во кој дел предметот го врати пред првостепениот суд на повторно постапување и одлучување, информираат од Апелација и додаваат:
-Со оглед на обемот на доказниот материјал и сложеноста на предметот, по кој од приемот во судот до донесување на одлуката, активно се постапува и се преземаат неопходните законски определени дејствија, во тек е писмената изработка на одлуката. Јавноста дополнително ќе биде известена за објава на одлуката на Апелациониот суд Скопје по конкретниот предмет која ќе биде достапна во целост на веб страната на судот, согласно Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите, се вели во соопштението од Апелација.
Дума.мк


