Ангелов соопшти дека ер трактор го стави под контрола пожарот кај „Саботна вода“, „Трите Дола“ и „Цариер“ кај Велес (видео и фото)
Објавено: 30 јуни, 2026, во 18:47 часот
Еден Ер трактор даде воздушна поддршка во гаснењето на денешниот пожар, кој избувнал претпладнево, на локација кај Штипско петле, на влезот во Велес за потоа да се префрли кон месноста „Саботна вода“ и да се прошири кон месностите „Трите Дола“ и „Цариер“ во правец кон село Караслари.
Дирекцијата за заштита и спасување со видео ја прикажа акцијата на гаснење на пожарот од близина на село Караслари.
Директорот на Дирекцијата, Стојанче Ангелов, кој бил присутен за време на гаснењето на пожарот од воздух во атар на село Караслари,велешко, во изјава за медиумите само што соопшти дека токму велешкиот и пожарот кај Дојран, од вкупниот број на денешни пожари во Македонија, ставени се под контрола.
Во моментов 13 пожарникари со 4 против пожарни возила на Територијална против пожарна единица Велес се на теренот на кој што пожарот голташе имоти на граѓани, се доближуваше до куќи, викенд куќи, помошни простории, опколи две локации со фотоволтаични панели, неколку локации со сандаци за пчели, лозја и овоштарници.
На пожарникарите во интервенциите за гаснење им помагаа граѓани со трактори кои заоруваа земја.
Во моментов татни од грмотевици небото над Велес но засега сеуште не заврнал дожд.
Убавка Јаневска


