Бруцошите седнаа во студентските клупи на Технолошко – техничкиот факултет во Велес (фото)

Објавено на 3 октомври, 2022 во 14:00

Четиринаесет бруцоши денеска присуствуваа на првиот академски час на Технолошко – техничкиот факултет во Велес. Поголем дел од нив се одлучиле за смерот Прехранбена технологија и биотехнологија додека пет за смерот нутриционизам. Среќни и возбудени, внимателно ги слушаа препораките на деканката на факултетот проф. д-р Татјана Калеска, којашто им ги врачи индексите и им посака за време на студиите да се здобијат со големо знаење, искрени пријателства и убави моменти коишто ќе бидат незаборавни.

-Ова е посебен ден за сите нас. Денес Вие го правите првиот чекор во академската заедница и зачекорувате на патот што води кон освојување на нови знаења. Вие сте генерација чиј професионален напредок ќе биде детерминирам од нивото на квалитет на вашите знаења коишто се императив за успешна професионална кариера во иднина. Вие сте нова успешна генерација на студенти коишто во наредните четири години ќе стекнувате знаења и вештини од областа на прехранбената технологија и биотехнологија и нутриционизмот. Наставно образовниот процес што се реализира во нашата институција ги следи современите трендови во едукацијата и развојот на науката. Драги бруцоши, Вие го наравивте вистинскиот избор, избравте институција со препознатливи студиски програми коишто содржински квалитативно се структуирани според стандардите на институциите од европскиот високо образовен простор а дипломите кои ќе ги стекнете после четири годишното образование се меѓународно признаени, додаде Калеска.

На првиот академски час, новите студенти имаа можност да се запознаат и со продеканката по настава проф. др Татјана Блажевска, продеканот по финансии Проф. д-р Сашко Мартиновски како и продеканката по наука и меѓуанродна соработка проф. д-р Даниела Николовска Неделковска.  Тие посебно им го објаснија процесот на студирање како и можностите коишто ги имаат како бруцоши.

Во прва година на Технолошко – техничкиот факултетот во Велес, во трите уписни рока вкупно се запишале 26 бруцоши. Од нив 14 на Прехранбена технологија и биотехнолохија, на смерот Нутриционизам запишани се пет студенти во Велес и седум на дисперзираните студии во Битола.

Инаку, денеска, започна и четвртиот уписен рок за запишување на студенти во прва година со што се очекува бројот на бруцоши да се зголеми.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.