Царовска: Да го вратиме сјајот на стручното образование за учениците полесно да се вработат
Месари и месопреработувачи како и техничари за заштита на животна средина се двата профили од Дуално образование што на деветоодделенците кои ќе се запишат во ССОУ „Димитрија Чуповски“ им нудат можност да се образуваат но и да се вработат. Тие ќе посетуваат настава во средното стручно училиште и во исто време пракса во ЈКП „Дервен“ и во фирмата „Агрија“ во Велес. Така ќе станат квалификувана работна сила и на пазарот на труд наместо бројки што чекаат вработување ќе бидат директно вработувани.
-Во паралелката за техничари за заштита на животна средина ќе има 25 слободни места и во месо и месопреработувачи што е комбинирана со пекари уште 25 ученици. Очекуваме од кампањата што Министерството за образование ја води, за секој запишан ученик по 3,5 илјади месечна стипендија или за девет месеци 31.500 денари, да ги поттикне деветооделенците да се запишат во нашето средно стручно училиште. Ова да биде поттик и ветер во грб за дилемата што можеби постои кај нив и нивните родители каде да продолжат со средно образование, рече Маја Хеско директорка на ССОУ „Димитрија Чуповски“.
-Покрај потребата деветоодделенците да се запишуваат во гимназиско образование, за да продолжат со високо образование, сите ние потребно е иднината да ја гледаме во средните стручни училишта. И тоа токму преку Модуларно и Дуално образование, смета Аце Коцевски Градоначалник на Велес.
Денеска во Велес беше и Министерката за образование Мила Царовска. Таа присуствуваше на два настани од проектот „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука што се одржаа во средните стручни училишта „Коле Неделковски“ и „Димитрија Чуповски“. Царовска на отворениот ден за презентација на стручното образование најмногу време посвети на паралелките кои ги очекуваат идните средношколци што ќе учат Дуално образование. на кои двете средни стручни училишта, „Коле Неделковски“ и „Димитрија Чуповски“ ги промовираа токму стручните паралелки. Тие пред деветоодделенците во нивните дворови, на отворено, ги промовираа сите но акцент ставија на дуалните паралелки.
-Она што како Влада заедно со училиштата и општините го правевме од месец јануари, годинава, се до пред еден месец, пред отворањето на конкурсот за упис во средно училиште, е преку социјален дијалог да стигнеме до тоа што е потребно да се отвори како профил во стручните училишта. Исто така на отворањето на можност за образование кое нуди идни вработувања и развој на државата. И сметам дека оваа година стигнавме до еден таков конкурс кој што е прилагоден на потребите и дава реална слика во кое училиште претходно колку ученици се запишувале па затоа се дадени толкав број на паралелки за годинава. Додека во училиштата каде што има потреба од нови профили, согласно барањата на економијата, на реалниот сектор, такви и отворивме. Сметам дека ќе стигнеме до еден поквалитетен степен на образование со една цел, да го вратиме сјајот на стручното образование од една и од друга страна да понудиме образование кое што полесно учениците ќе ги доведе до вработување, рече Царовска.
Министерката смета дека ова е вистинскиот пат и за учениците кои ќе одлучат да се запишат да студираат на техничките факултети.Новина е и тоа што образованието е прилагодено да го развива претприемачкиот дух кај учениците.
-Целиме кон тоа учениците да станат и вработувачи а не само вработени, додаде Царовска.
Додека светот сега вложува во средно стручно образование, според потребите на фирмите, нашата држава го изгуби искуството, од претходниот систем, кога учениците се образуваа според потребите од работна сила на претпријатијата. Дуалното образование ја има токму таа придобивка. Државата го враќа стариот концепт, затоа што развиените држави кои вложуваат во средно стручно образование постигнуваат подобри резултати во развојот на економијата.
Убавка Јаневска