Почна жетвата на оризот во велешко,производителите ја чекаат откупната цена
Производителите од селата по течението на реките Тополка и Бабуна забрзано го прибираат годинашниот род. На оризовите полиња е мошне живо. Луѓето и комбајните го користат сончевото време за да го соберат годинешниот род. Оризопроизводителите велат дека и покрај неповолните временски услови квалитетот на оризот годинава е добар бидејќи од хектар успеваат да соберат помеѓу 6.000 и 7.000 килограми оризова арпа.
„Временските услови годинава, како и за другите земјоделски култури, не беа наклонети и за одгледување на оризот. Сепак од родот сме задоволни, а верувам дека квалитетот ќе биде нешто послаб од минатогодишниот. “, вели Тодор Игнов од селото Еловец.
Најголемите површини под ориз и годинава се околу селата Лисиче, Голозинци и Еловец. На нивите во овој регион, по изградбата на браната на ХС „Лисиче“, од која преку цела година се полни со вода коритото на реката Тополка површините на ориз годинава се зголемија за околу педесетина хектари. Сега откако ги произведоа количините со ориз производителите велат дека сеуште не знаат која ќе биде откупната цена и дали ќе има кој да им ја откупи оризовата арпа.
„Засега незнаеме каква ќе биде откупната цена. Откупувачи сеуште нема но, се надеваме дека тие ќе дојдат и дека за килограм оризова арпа ќе ни понудат по 25 денари. Со оваа цена ќе ги покриеме трошоците“, вели Каме Трајков од селото Лисиче.
Инаку, под ориз годинава во велешко се посеани повеќе од 30 хектари Производителите од оризовите полиња покрај течението на реките Тополка и Бабуна годинава очекуваат да соберат над 200 тони оризова арпа./ С.А
