Четврта „Компиријада“ во селото Горно Јаболчиште

Објавено на 30 октомври, 2013 во 17:29

Земјоделците од Горно Јаболчиште, кои важат за традиционални производители на вкусен компир, денеска го промовира годинешното производство.

Тие во дворот на основното училиште „Лирија„ ги донесоа и изложија компирите како и останатите производи од најеколошкиот регион во државата. На штандовите можеа да се пробаат или купат компир, познатото овчо сирење, костени и разни планински чаеви. При традиционалниот пречек на граѓаните домаќинките во селото подготвуваат вкусни локални специјалитети.

 

На овој начин жителите на ова село во општина Чашка се обидуваат да го привлечат вниманието на велешани како и на посетители од други градови во Македонија.

– Оваа традиционална манифестација помогна да ја постигнеме целта поточно да го промовираме највкусниот компир произведен во здрава животна средина.  Благодарение на промоцијата од медиумите информациите се раширија до сите купувачи кои се заинтересирани за еколошки и квалитетен производ, така што сега истите добро се продаваат на обострано задоволство како на производителите така и на купувачите, рече градоначалникот на општина Чашка, Горанчо Пановски.

Во Горно Јаболчиште, годишно, се произведуваат околу 300 тони квалитетен компир. Земјоделците се задоволни од пласманот и од цената.

– Јас и моето семејство произведуваме со децении компири исто како и другите во селото. Почвата и климата се идеални за негово производство и затоа било која сорта на компир успева, рече Севдил Латифов.

Тој е само еден од традиционалните производители на компири во селото кој пред триесет и девет години, во поранешна Југославија, добил златен медал за квалитетен производ.

И покрај големиот број на производители на земјоделски производи во Горно Јаболчиште нема откупен пункт. Тие бараат и единствена загарантирана цена за компирот кога веќе мораат сами да се снаоѓаат за пласманот.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.