На болницата во Јасеново и треба нов автобус

Објавено на 1 ноември, 2013 во 11:11

Штом завршат проверките на клима системот и парното греење во болницата за белодробни заболувања во Јасеново ќе заврши проектот за комплетно реновирање. По две ипол години и вложени 2 милиони и 100 илјади евра, државни пари, пациентите од Вардарскиот регион имаат болница со европски стандарди за лекување и престој.  Сега менаџерите бараат решение уште за дотраениот болнички автобус во кој лоши се условите за патување на пациентите од Велес до Јасеново.

Со расипани и искинати седишта е овој автобус со кој цели три децении секојдневно патуваат медицинскиот персонал и пациентите. На крајот од својот век е,  вели и неговиот возач.  Автобусот од неколку места во Велес ги зема пациентите, медицинските сестри, техничарите, лаборантите и лекарите. Сите заедно наутро патуваат до болницата во Јасеново и попладне се враќаат во Велес.

– Тоа е единствениот проблем кој го има болницата и се обидуваме да го решиме на повеќе начини. Бараме донација преку неколку проекти од странски амбасади, од Владата, од домашни донатори. Во колку ни биде дозволено да искористиме долгорочен кредит ние можеме да купиме и нов автобус се разбира на отплата.Се надеваме дека за скоро време ќе го решиме проблемот и ќе ги подобриме условите за превоз на пациентите, рече д-р Гоце Бузалков, директор на болницата.

Штом тоа ќе се случи тогаш пациентите не ќе имаат забелешка.Услугите што им се нудат во оваа јавна здравствена установа се високо професионални. Во неа се лекуваат белодробни и срцеви заболувања. Поликлиничките услуги се добиваат во кабинети сместени во еден издвоен павиљон. Болничките пациенти се лекуваат во останати два павиљони. Условите внатре се максимално подобрени. Болницата располага со врвна медицинска апаратура што е причина за се поголем број на граѓани заинтересирани да ги користат услугите.

– Имаме апарати за комплетна дијагностика и лекување како нов ренген апарат, спирометри, апарати за  лабораторија, коронарен стрес- тест, ехоколордоплер  со кој може да се гледа и структурата и градбата на сите поголеми крвни садови. Ни треба уште еден ехо апарат, мобилен, само за лежечките пациенти и уште еден биохемиски анализатор, рече д-р Бузалков.

Болницата располага со корисна површина од пет илјади метри квадратни. Во трите павиљони има 17 четворокреветни соби и три апартмани. Петмината лекари специјалисти и останатиот медицински персонал годинава дале 1.200 услуги на лежечки и уште на рекордни 5 илјади амбулантски пациенти. /Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.