Центар за јавно здравје Велес со нова в.д директорка
Др Павлина Велкова, специјалист по социјална медицина и јавно здравје е нова в.д. директорка на Центар за јавно здравје Велес. Неа министерот за здравство Арбен Таравари ја именувал на 4 октомври, годинава.
Др Велкова е дипломец на медицински науки во 2003 година и на почетокот на 2004 година ја започнува професионалната кариера како матичен лекар во амбулантата на ПЗУ „Саномак“ во Велес каде работи со пациенти, граѓани на Велес, во наредните 15 години.
Во Центар за јавно здравје се вработила во 2019 година како Општ лекар и по едногодишна работа добила специјализација за социјална медицина и јавно здравје. Три години потоа др Велкова е лекарка специјалист. Таа во наредните шест месеци ќе ја раководи оваа јавна здравствена институција, популарно наречена „Хигиенски“, којашто има регионален карактер. Поточно е јавна здравствена установа која што ги покрива и отсеците во Кавадарци, во Неготино, во Свети Николе и во Гевгелија со околните градови и населени места.
Претходно оваа институција ја раководеше Богданка Јорданова, дипломиран металург, со два мандати од кои првиот шест месечен како в.д директорка за потоа во истата 2022 година да го добие четиригодишниот директорски мандат.
Убавка Јаневска