Центарот на Велес замириса на печени костени
Првиот продавач на печени костени му го врати на Велес стариот познат мирис кој веќе го почувствуваа граѓани коишто вчера, доцна попладне, пешачеа по тротоарите околу поранешната Стоковна куќа. Еден сограѓанин ја постави скарата на аголот на тротоарот и се чини дека направи убаво потсетување на традицијата со која растеа повозрасните велешани. И тогаш и сега има деца, со своите родители, кои на моменти потребно е да почекаат во ред.
Но вреди чекањето затоа што така подолго време се чувствува убавиот мирис што се шири во овој дел на градот. Потоа во хартиени кеси сладокусците на зимскиот плод ја добиваат купената количина. Една кеса за 50 денари.
По неколку децении на градот му се врати глетката на продавач, печени костени и мирис што доаѓа од скарата на која се печат. „Можеби ова нема да биде единствениот продавач и единствената локација во Велес,“ коментираа две сограѓанки додека полека заминуваа по улицата „Никола Оровчанец“ со констатацијата „Доаѓа зима“.
Убавка Јаневска