Чествување – 72 години од смртта на народниот учител и пратеник Брашнаров во родниот Велес (фото)

Со положување на свежо цвеќе и оддавање на почит пред споменикот на Панко Брашнаров од страна на општинската делегација предводена од градоначалникот Марко Колев, делегации на советничките групи во советот на општината,на политички партии, на локални институции и на потомците на народниот учител, денеска, во неговиот роден Велес се одбележаа 72 години од смртта на народниот учител и пратеник.
„Историјата најдобро се памети ако се прераскажува, преповторува и ако за неа учат младите генерации. Особено ако станува збор за човек-белег на еден народ, од една вековно напатена земја. Брашнаров, генерација и соученик на велешките Гемиџии, сведок на двата Илиндена, со живот предодреден и посветен на ослободувањето на Македонија. Прогонуван, затворан и мачен заради својот патриотизам и идеализам за македонската кауза, патриотот без пород, со животна одлука потомство да му е ослободена цела Македонија,“ беше речено на денешното чествување на датумот на смртта на Брашнаров.

Од чествувањето беше упатена покана до сите сограѓани и добронамерни гости, кои ќе дојдат во родниот град на Панко Брашнаров, да го посетат споменикот поставен во најфрекфентниот дел од Велес и да му оддадат заслужна почит.
„Секојдневно на овој плоштад велешани седнуваат да здивнат, да отпочинат и најмалку еднаш да го споменат својот учител. Повелете овде и утре, и секое наредно утре, споменот за учителот да остане жив додека нè има,“ гласи упатената покана од страна на градот Велес.
Годинешното чествување на споменот на Панко Брашнаров започна со изведбите на македонската и химната на град Велес од оперската певица Вероника Караколева.
На големиот македонски револуционер и прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Панко Брашнаров, родниот Велес му постави споменик во 2004 година изработен од академскиот скулптор Петар Хаџи Бошков и преку кој се покажуваат повеќе фази од животот и делото на народниот учител и пратеник. Велешани, организирано 19 години го чествуваат ликот и делото на својот сограѓанин.
Убавка Јаневска
